Силен земјотрес во Кина – над 100 лица загинати

Силен земјотрес во Кина – над 100 лица загинати

Најмалку 118 луѓе загинаа, а стотици се повредени по земјотресот што ја погоди северозападна Кина, соопштија утрото кинеските државни медиуми. Земјотресот го погоди округот Џишишан во провинцијата Гансу доцна синоќа, при што оштетени се многу домови и патишта.

Според последните податоци, во провинцијата Гансу загинале 105 луѓе, а повеќе од 4700 куќи биле оштетени. Вкупно се повредени 397 лица, од кои 16 критично, а 76 потешко. Според кинеската државна телевизија, во соседната провинција Кингхаи загинале 11 лица.

Измерената јачина на земјотресот, според Кинеската управа за земјотреси е 6,2 степени според Рихтер.

Кинескиот претседател Си Џинпинг ги повика властите „да вложат максимални напори“ во потрага по преживеани и за лекување на повредените, истакнувајќи дека катастрофата се случила на голема надморска височина, каде што во моментов времето е многу студено.

Земјотресот е на пат да биде најсмртоносниот што ја погодил Кина во речиси една деценија, откако во земјотресот во југозападната провинција Јунан загинаа околу 600 луѓе во 2014 година. Во 2008 година, соседната провинција Сечуан беше сведок на разорен земјотрес со јачина од 7,9 степени, во кој загинаа околу 90 000 луѓе.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста