Што и одговори Mакедонија на барањата на Бугарија? Зошто јавноста не знае?

Ги прифатила ли македонската влада бугарските црвени линии кои значат целосно негирање на македонскиот народ, јазик и историја? Ваквото прашање се наметнува по двете изјави на министрите за надворешни работи Бујар Османи и првиот вицепремиер Артан Груби според кои Бугарија веќе добила тоа што побарала. Османи синоќа во гостување на една телевизија рече дека овој пат, во очи на носењето на одлука за тоа дали Македонија треба да почне преговори со ЕУ за прв пат Бугарија не можела да најде вина во нашата земја.

А само пред неколку дена вицепремиерот Груби јавно кажа дека и ги испратиле сите одговори што Бугарија што ги побарала. Но што е конкретно испратено од Влада не појаснуваат. Недостапен за одговори е и премиерот во заминување Зоран Заев кој на последната прес конференција порача дека зголемувањето на коалиционите партнери е и јасна порака до Бугарија дека има стабилна влада за изнаоѓање на решение.

А додека македонската страна индиректно нафрла детали за можните отстапки, официјална Софија менува ставови преку ноќ. Откако новоименуваниот бугарски премиер Кирил Петков најави дека во следните шест месеци ќе се најде решение за спорот но и време е да се сменат ставовите кон нашата земја, експресно реагираше европратеникот Ангел Џамбаски. Бара извинување од Петков, оти ставот за Македонија не можел да се смени.

-Премиерот Петков должи итно објаснување бидејќи бугарскиот став на темата Македонија не може да се смени. Тој почива на основниот факт дека Македонија е Бугарија, втора бугарска држава на Балканот, како што ние од мојата партија постојано изјавуваме. Бугарската позиција, не може да биде променета поради притисок од некои западни партнери или од некоја конјунктура, па дури и од финансиите од европските фондови. Ова не може и не треба да се случи. Премиерот Петков должи итно објаснување, вели Џамбаски.

Заменик претседателот на бугарските социјалисти и на Народното собрание, Кристијан Вигенин се приклучи на серијата изјави за бугарската позиција за евроинтеграцијата на Македонија и рече дека таа не е променета, алудирајќи на интервјуто на Петков.

– Начинот на кој е цитирано интервјуто во бугарските медиуми, не е тоа што се наоѓа во оргиналниот текст. Одново истакнувам – бугарската позиција останува единствена, таа е истата што е потврдена со одлуката на Народното собрание. Во нашиот договор пишува дека таа позиција останува и ќе биде надградена со идеи за нови заеднички комисии, за соработка во одделни области, рече Вигенин.

Вчера, Советот за општи работи на ЕУ ги усвои заклучоците во кои се вели дека со нетрпение се очекува да се одржат првите меѓувладини конференции со Република Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро, откако ќе бидат одобрени преговарачките рамки.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста