Шилегов не сака да зборува за високатниците кај Холидеј Ин, жителите сакаат да се гради

Градоначалникот на Скопје Шилегов одби да одговори зошто не е изготвен елаборатот за суспендирање на ДУП-от кој предвидува изградба на висококатници на паркингот спроти ГТЦ, кој не е во согласност со Генералниот урбанистички план. Иако тој самиот во предизборната кампања ветуваше стопирање на бетонизација на Скопје, до сега не се прозинесе во јавност со став за планот, во срцето на Скопје да никнат неколку згради. Институциите продолжуваат со префрлање на топката, а министерот за транспорт и врски, вели дека до сега никој од Општина Центар не испратил до ресорното министерство елаборат за суспензија. Се додека елаборатот не се изработи, Благој Бочварски се прогласи за ненадлежен.

„Во момент кога ќе добиеме елаборат за суспензија го процесуираме, нашите служби ќе постапат веднаш и ќе го вратиме во Општина Центар, така што и градоначалникот потврди дека елаборат не е доставен, тој доставил прашалник како да се изработи елаборатот. Елаборатот го изработуваат стручните служби на Општина Центар, Комисијата за урбанизам, и го доставува до Министерството за транспорт и врски“, изјави Бочварски.

Во меѓувреме,  дел од жителите на Ново Маало се надеваат дека токму со овој проект ќе им се реши долгогодишниот проблем оти живееле во супстандардни услови, слични на оние, коментираат, од 19 век. Инвеститорите им ветиле дека, како што ќе се одвива проектот, скалесто ќе ги обесштетуваат. Поднесоа петиција до Владата и Општина Центар, по ниедна цена да не се стопира изградбата на висококатниците. 

Додека градските власти одолговлекуваат да одлучат дали изградбата ќе се суспендира или реализира, револтот кај стручната фела и во јавноста расте. Голем број граѓани, и понатаму се против овој план оти, како што велат, во Скопје постојано нешто се гради.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста