Сепак не платиле се самите: Функционерите летале бесплатно и добиле гратис билети за мечот во Палермо, Фетаи за хотелот платила дури вчера, другите молчат

Функционерите си добиле гратис лет и влезници за натпреварот против Италија во Палермо. Иако тврдеа дека се платиле сами, сепак вистината е друга. Досега некаков доказ дека барем платила во хотел објави Фатиме Фетаи, но и тој проблематичен.

Во објавената уплатница стои дека поранешната специјална обвинителка, на сметката на туристичката агенција Гуливер, уплатила 24 илјади денари на 28 ноември, ден откако замина за Порто со чартерот на Федерацијата. Фетаи се правда дека платила во рокот даден од туристичката агенција, а реши да ги нападне и оние кои не плаќале за аранжманите, а биле на функции.

-Уплатниците кои ги приложив во текот на вчерашниот ден се за уплати по претходно издадени фактури и уплатите се извршени во рамки на рокот даден во фактурите. Впрочем, за разлика од другите функционери (судии, претседатели на судови, сегашни и поранешни функционери, роднини на функционери) кои патувале порано на вакви натпревари, а кои патуваа и за Палермо, доставив доказ за уплата, порача Фетаи.

Во друштво на Фетаи во Палермо беше и министерот за правда Никола Тупанчески, кој кажа дека самиот си го платил својот аранжман, но не приложи никаква уплатница. Иако најавен, министерот за правда реши да го откаже присуството на конференцијата на Македонското здружение на млади правници, каде беше најавено негово обраќање.

-Македонското здружение на млади правници проследува информација дека професор доктор Никола Тупанчевски- министер за правда, нема да земе учество на денешната конференција, информираа од МЗМП.

Со Фатиме Фетаи во Порто, како и во Палермо е и првиот човек на Основниот суд во Кавадарци, Лазар Нанев, кој е и делегат во ФФМ. Тој не приложи никаква уплатница за своето патување, а и воопшто не одговори дали таму е на свој трошок или на трошок на федерацијата. Нанев до медиумите, меѓу кои и Алфа запрашан околу патувањето во Палермо, испрати само поетски одговор, без да одговори ништо.

-Живеј го животот и љубовта кон него, патриотизмот кон сопствената нација Македонија и кон спортските успеси немаат граница ниту километри. Спортот и Македонија се сакаат со љубов, а не омраза. Респектот, мирот, бон тон се основните мотиви на просперитетот. Да победуваме и да се радуваме. Македонија се сака со љубов, поздрав од Порто, ни порача Нанев.

Откако Тупанчески изјави дека бил шокиран поради прозивањето од Антикорупциска, реагираше и првата антикорупционерка, Билјана Ивановска. Вели дека не и е јасно зошто бил шокиран од барањето да каже дали сам си ги платил трошоците за патот во Палермо. Покрај министерот, Фетаи и Нанев, во Палермо беа и Владо Бучковски, Рамиз Мерко и Никола Бакрачески.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста