Се тресе и така тенкото владино мнозинство- ќе го напуштат ли Заев дел од коалиционите партнери?

Се тресе ли и така тенкото владино мнозинство? Познато е дека секое едно отсуство на пратеник во Собранието го доведува во прашање донесувањето на било кој закон. А сега и официјално се доведува во прашање дали власта ќе остане со потребното мнозинство, откако од партијата за движење на Турците, најавија дека е можно да се напушти коалицијата. Претседателот Енес Ибрахим вели засега остануваат со власта, но сепак статусот на партијата ќе се одлучува на конгрес.

-Ние се боревме против режим и сега нема да дозволиме некои локални шерифи да го газат достоинството на Турците во земјава. Како пратеник, засега останувам во парламентарното мнозинство, ама за понатаму се отворени сите опции. Наскоро треба да донесеме одлука за одржување партиски конгрес, пред локалните избори, каде што ќе се носи и одлука за тоа дали остануваме дел од владејачката коалиција, вели Ибрахим.

Несогласувања со политиките на владејачката СДСМ изразува и претседателот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов. Тој вели дека најверојатно ќе остане во коалиција со Заев до крајот на маднатот на овој собраниски состав, но поддршка од него за образовните реформи, како што се моментално предвидени немало да има. Трајанов не се согласува ниту со политиките на власта во однос на спорот со Бугарија.

-Прво да изградиме став дека за овој концепт сврзан со образованието мора да се отвори широка расправа, и што е најважно сосема јасно гласно го кажувам нашиот став дека историјата мора да остане посебен предмет, значи историјата е помоќно оружје од атомска бомба, затоа сме категорично против. Законски измени во кои историјата нема да биде посебен предмет нема да поддржимем, изјави Трајанов.

Инаку, превирањата меѓу партијата на Турците и СДСМ, кои се закануваат да се прошират на централно ниво, започнаа на локално, поточно во Радовиш. Енес Ибрахим ја поддржува одлуката на неговите сопартијци од Радовиш, чија општинска организација реши да го напушти мнозинството на локално ниво.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста