Пациент заболен од Ковид 19 се фрлил од прозорец на ГОБ „8 Септември“ – починал на лице место

70 – годишен пациент заразен со Ковид 19 рано утрово се фрлил од прозорец во Градската општа болница „8 Септември“. Само мала трага од крв беше останата како доказ од немилиот настан, но обезбедувањето на болницата не дозволи медиумите да се приближат до локацијата каде се случила трагедијата. Од болницата велат оти пациентот бил хоспитализиран пред една недела на одделот за интензивна нега и бил ве тешка здравствена состојба, со ниска сатурација и пневмонија.

„Пациентот А.Ц. роден 1950 година во тешка состојба беше згрижен на интензивна нега, ставен под психијатриска контрола и обсервација. Но и покрај сите преземени мерки, во утринските часови, скокнал од прозорец од првиот кат“, информираат од болницата.

Директорот на болницата Христијан Костов, потврди дека пациентот бил под психијатриски надзор и со терапија, но тој вели не му било јасно како повозрасниот човек успеал да се одврзе од креветот.

„Во собата имаше уште еден пациент. Ја искористил петнаесетминутната пауза после визитата, кога немало никој во собата и си го одземал животот“, вели Костов.

Први на лице место дотрчале докторите од дежурната екипа, но и покрај обидите да го спасат неговиот живот, тој им подлегнал на повредите. Увид на местото на несреќата извршиле тимови на МВР, Министерството за здравство, Јавен обвинител, ДСЗИ.

ГОБ „8 Септември“ уште од стартот на пандемијата е еден од двата главни ковид центри во Македонија. Таму во моментов се лекуваат 80 пациенти со сериозни компликации од Ковид 19.

Инаку, докторите се повеќе укажуваат оти корона вирусот предизвикува сериозни последици врз менталното здравје на пациентите кои се заразени, но и оние кои го прележале вирусот. Клиниката за психијатрија има отворено и дежурни телефонски линии каде граѓаните може да побараат стручна психолошка помош.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста