За кинеските вакцини договор се потпиша, ама без датум

Здравствените власти го потпишаа договорот за набавка на 200 000 кинески вакцини, но датум кога ќе пристигнат – нема. Деталите за испораката се очекува да бидат утврдени во следните денови.Филипче  верува дека со кинеската вакцина може да се постигне одреден степен на колективен имунитет.Истовремено уверува дека имунизацијата ќе започне овој месец.

За сите вакцини има различни публикации. Ефикасноста на кинеските вакцини оди од 60 до близу 90 проценти, но мислам дека е сосема доволно за да се постигне саканиот ефект, а тоа е да има одреден степен на колективен имунитет. Тоа што е многу важно е количината со која целосно се покриваат две многу значајни категории – прво здравствените работници, буквално сите, и не само здравствените работници туку и сите нездравствени работници кои работат во здравствениот систем и второ, најризичната категорија на возрасни граѓани со хронични болести, изјави Филипче.

Иако според голем дел од епидемиолозите, но и разни истражувања покажуваат дека најбезбедни се вакцините на Фајзер, Модерна и Спутник В, здравствените власти се уште не размислуваат за набавка на руската вакцина но и онаа на Модерна.

Модернауште на почеток ни кажаа дека најмала количина за која разговараат е нешто што е навистина многу за нашиот пазар, со оглед дека веќе бевме влезени во Ковакс системот и во преговори со Фајзер – понудија најмалку 2 милиони дози. Меѓутоа, отворени сме за апсолутно сите опции, верувам дека после март многу подостапни ќе бидат сите вакцини, полесно ќе одат сите тие разговори и ќе се зголеми достапноста секаде во Европа“, кажа министерот Филипче.

Во земјата преку механизмот Ковакс во март треба да пристигнат вакцини и од „Астра Зенека“, за која во јавноста излегуваат информации за мала ефикасност против новите соеви на коронавирусот. Меѓутоа, министерот нагласува дека рано е да се тврди такво нешто.

Најавувани уште на крајот од минатата година, Македонија се уште ги чека вакцините од соседите. Од МЗ велат дека иако доцнат, земјава ќе ги добие вакцините од Грција, Бугарија, Австрија, Полска после март. Додека за ветените вакцини од Србија се уште чека дозвола на компанијата Фајзер.

Додека дел од европските земји привршуваат и со второто вакцинирање на граѓаните, а Германија најавува дека ќе обезбеди вакцини против Ковид-19 и за 2022 година. Македонија нема добиено ниту една доза. Земјава во  најоптимистичката варијанта, за имунизација од март до јули на располагање ќе има околу 320.000 вакцини за 160.000 граѓани – што нема да покрие ниту 10 отсто од населението.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста