Се сведува ли ветингот повторно на предизборен популизам?

Се сведува ли ветингот повторно на предизборен популизам? Тресење од гаќи на судии и обвинители, барем според најавите од власта дури по избори. Министерката Десковска која остро ја критикуваше работата на судството и обвинителството , вели дека не треба да се избрзува со процесот.

„Мора да бидеме свесни дека за да се почне процес на ветинг во правосудството потребно е двотретинско мнозинство, а тоа како и дебатата за ова прашање не може да се заврши пред изборите. Тоа е реалност, ниту еден процес не треба да биде избрзан. “, вели Десковска.

Кој ќе го спроведе и како, Десковска вели постојат повеќе варијанти.

„Една варијанта е дека може да се врши ветинг од страна на заедничка комисија која ќе испитува повеќе аспекти, но исто можно е и прочистувањето да оди преку активност на повеќе институции почнувајќи од постојни институции кои постојат во комбинација со вршење на нивните надлежности, но имаме и модели што ги гледаме дека постојат и се спроведувале во други земји, односно комисија што целосно ја презема таа надлежност и го спорведува процесот. Тоа треба да биде процес договорен со консензус од двотретинско мнозинство“, појасни Десковска.

СДСМ ветингот го споменуваше и пред изборите во 2016-тата година. Во изминативе две и пол години владеење на Заев кога се споменуваше прочистувањето во судството, тој велеше дека со таква процедура може да останеме без судии, а подоцна тврдеше дека ЕУ му забранила. Опозициската ВМРО ДПМНЕ се согласува со идејата за ветинг но партијата смета дека не треба да бидат опфатени само луѓето од правосудството, туку и политичарите. И ДУИ е за ветинг на сите функционери ,но и на секој кандидат за јавна или државна функција.

Бојана Димитријевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста