Се огласи Дончев- ја потврдува снимката каде зема пари, Шекеринска го брани, Обвинителството молчи

Обвинителството молчи за видеото „лепливи раце“, каде се гледа како поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев, наводно зема поткуп. Алфа праша, но од Јавното обвинителство не одговараат дали ќе биде отворен предмет по допрен глас, поради видеото на кое се гледа како екс директорот седи во просторија и непознато лице му дава пари, кои тој ги става во ташна.

Додека надлежните институции молчат, врвот на СДСМ во одбрана на еден од најблиските соработници на Заев. Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, слично како и нејзиниот партиски лидер, вели немало никакви докази, иако се гледа како Дончев зема пари во кеш, а во аудио снимката објавена на Јутјуб, се слуша како наводно врши и притисок врз работата на полицијата.

-Очекувам сите оние кои што нешто тврдат тоа да го покажат со нешто повеќе од аудио без видео и видео без аудио. Изминативе месеци, претпоставувам и наредниве 20 до 30 дена на многу фејк њуз и тоа претпоставувам дека е очекувано во избори, изјави Шекеринска.

Со писмен демант излезе Дончев, вели снимките биле нецелосни и манипулативни со цел тој да бил политички деградиран. Сепак, Дончев не сака да ја коментира првата аудио снимка, вели се што имал да каже за Дијамед, го кажал кога бил на позицијата директор. Ја потврдува содржина на второобјавената аудио снимка, како и на видео материјалот каде зема пари, сепак вели биле од приватен карактер и не се поврзани со неговата јавна функција.

-Објавената Видеоснимка по мое сеќавање е од поодамна и станува збор за снимка од приватен карактер. Секако, останува понатаму Државните институции да си ја вршат својата работа, вели Дончев во демантот.  

Додека беше на функција, за Дончев во јавноста пукна аферата „Рекет 2“. Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ и поранешната сопственичка на „Дијамед“, Дончев заедно со министерот за здравство Венко Филипче се обидел да ја попречи продажбата на компанија на странскиот инвеститор „Диаверум“ од Шведска, со што сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.

Инаку, Ден Дончев во мај годинава си поднесе оставка од директорската позиција во Фондот за здравствено осигурување. Тој ги отфрли овие обвинувања, а оставката ја правдаше со „лични причини“.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста