СОНК бара преговори, власта молчи – Ќе има ли решение за деблокада на образованието?

Штрајкот во образованието продолжува, но зошто преговорите за негова деблокада се замрзнати? Синдикатот и власта се препукуваат преку медиумите, но никако да седнат и да најдат решение. Од СОНК веќе неколку дена бараат преговорите да продолжат, но од страна на владата нема ништо поконкретно. Но затоа продолжуваат притисоците кои наместо конструктивност многу лесно можат да донесат натамошна ескалација.

Образованието и натаму е под блокада а власта и синдикатот никако да седнат на маса и да ги продолжат преговорите за решение. Од СОНК инсистираат на средба уште во текот на денов, но од власта нема ништо конкретно. Првиот синдикалец Јаким Неделков вели дека се целосно подготвени за конструктивно решение за покачување на платите, со што конечно би се ставило крај на штрајкот, а настават би продолжила:

  • Работа на СОНК е штрајкот да го реализира онака како што е зацртан и по сите правила, а министерството нека си ја тера својата работа. Но не се во ред заплашувања на наставниците. Тие реагираат затоа што некаде им се закануваат со одземање на дневниците за време на штрајкот или пак со работење во летни месеци. Како и да е, наши претставници ги посетуваат училиштата, имаме редовна комуникација со нашите претставници во училиштата, собираме докази, нагласува Неделков.

Неделков појаснува и дека во ред било што деновиве ученици се повикувани да дојдат на настава по некои предмети од наставници кои не потпишале согласност за приклучување на штрајкот.

  • Се разбира, никогаш не сме рекле дека наставата во целост треба да биде прекината. Во ред е ако има можности за прифаќање на децата тие да одат на училиште и да ги посетат оние часови што ги држат наставници кои не штрајкуваат. Затоа и постојат простории каде се наоѓаат наставниците кои се во штрајк. Јавноста треба да знае дека настаавниците не седат дома, туку се во училиштата, нагласува претседателот на СОНК Јаким Неделков.

Иако градинките ги отворија вратите за децата, основните и средните училишта и натаму се празни. Цело време, од СОНК обвинуваат за дополнителни притисоци врз директорите по одлуката за понудените 12% зголемување на платите. Токму затоа, во знак на незадоволство од преговорите, СОНК ќе организира масовен протест пред Владата в среда на 4 мај.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста