Наставниците продолжуваат со штрајк, воспитувачките во градинките од утре на работа

Нема договор за прекин на штрајкот во образованието. Поголемиот дел од членството на СОНК не сакаат ни да чујат за владината понуда за покачување на платите за 12% и затоа за над 51% од нив таа е неприфатлива. Советот на Синдикатот за образование донесе одлука за продолжување на штрајкот во основното и средното образование, додека штрајкот во детските градинки ќе биде ставен во мирување. Тоа значи дека од утре градинките ќе продолжат нормално да работат.

Причина за градинските да продолжат да работат е интересот на родителите и децата, но и стопанството кое трпи поради неможноста кој да ги згрижи децата од предшколска возраст.

  • Од вкупно 480 синдикални организации коишто дадоа податоци за нивното изјаснување во однос на договореното со Владата, 388 беа за продолжување на штрајкот од утре, а само 83 беа за прекинување на штрајкот. Најголемиот дел од оние кои што се изјаснија за прекинување на штрајкот, се синдикалните организации за детската заштита, а без исклучок огромниот број на оние кои се за продолжување на штрајкот се колегите и колешките од основното и средното образование. Советтот на СОНК со оглед на сумираните резултати донесе одлука штрајкот да продолжи во основното и средното образование и во текот на утрешниот ден, се до наоѓање на заедничко прифатливо решение со Владата и МОН, изјави Неделков.

Во знак на незадоволство од резултатите од преговорите, СОНК одлучи да организира масовен протест пред Владата на 4 мај. Неделков уште еднаш изрази жалење за прекинот на наставата и повика на разбирање.

  • Советот на СОНК исто така жали за прекинот на наставата и пропуштеното во однос на неодење на учениците во училиште, жалиме и поради родителите кои имаат проблеми со згрижување на децата, но истовремено бараме разбирање и поддршка, бидејќи во секој случај јасно е дека ако имаме задоволни и мотивирани наставници образовниот процес ќе биде многу подобар, изјави Неделков.

Претходно, во текот на денот, за време на преговорите со советот на СОНК, над 300 наставници, нивни членови се собраа пред седиштето на синдикатот, револтирани, зашто, раководството наводно прифатило зголемување на платите за 12%.

Тензиите се смирија откако на синдикалците им се обрати претседателот на СОНК, Јаким Неделков, кој изјави дека ќе се слушне нивното мислење. Штрајкот ќе продолжи се до изнаоѓање на заедничко прифатливо решение за сите засегнати страни.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста