Родителите и наставниците се против воведување на сексуалното образование пред 9-то одделение

Сексуално образование никако не смее да се дозволи во ниедно друго – освен во деветто одделение – но и за тоа треба наставниците да се многу поподготвени за да го пренесат на правилен начин – предупредуваат дел од просветните работници. Според нив, политиката на Министерството за образование последниве неколку години е нетранспарентна, и сите промени се планираат зад затворени врати. Така е и со случајот со сексуалното образование кое МОН засега го планира како пилот проект, а според реакциите во јавноста ниту родителите ниту наставниците не биле консултирани за оваа концепција.

Политиката која што во последните години МОН ја води воопшто не ми се допаѓа затоа што тврдоглаво турка нешто без да се консултира со родителите и наставниците. Ниту јас ниту некој од родителите на кои што им ги учам децата беа консултирани, ниту пак познавам некој колега кој што е анкетиран во однос на овие реформи, и сето тоа сакаат некако да се истурка без да има информации во јавноста – вели наставникот Гоце Бумбаровски.

Родово – сензитивното образование преку сеопфатното сексуално образование – како што гласи и самата концепција на МОН им пречи и на родителите доколку биде воведена за помладите основци. Според нивните информации, учениците за родови улоги и сексуални чинови ќе учат уште од својата шеста година и ако тоа се воведе се закануваат со бојкот на наставата.

Како предмет, сексуално образование нам воопшто не ни смета ако се воведе во деветто одделение, бидејќи возраста е соодветна, но ни смета ако учениците го учат тоа на шест години. Многу стручни лица и родители не се консултирани, не ни се познати темите на изучување кои се многу осетливи и се се одвива зад затворени врати. Доколку не успееме во целта оваа концепција да се отстрани од образовниот процес, ќе ја бојкотираме наставата од септември – вели Драгана Спасевска од иницијативата „Настава и учебници мора да има“.

 Од Бирото за развој на образованието појаснуваат дека пилот проектот ќе се воведе во три училишта во Скопје и едно училиште во Тетово, за деветтоодделенците со доброволно учество и согласност од родителите.

Воведувањето на сеопфатно сексуално образование во основните училишта, ќе значи унапредување на родовата еднаквост, инклузивноста и толеранцијата, но и превенција од сексуалното вознемирување и насилството – информираат од БРО.

Со оваа концепција деветтоодделенците ќе учат за хомосексуалноста, насилството, сексуално преносливи болести, за дискриминација, врски и односи.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста