Рецесијата очекувана, требаат итни мерки за ваквата состојба да не продолжи

Пандемијата и лошите мерки на власта удрија врз економијата. Бројките се поразителни, но и делумно очекувани,. Ова е реакцијата на бизнисмените по падот на економијата од 12,7% и растот на невработеноста на 16,7% во вториот квартал. Пандемијата удри врз стопанството и работните места како ниту една друга криза досега – велат бизнисмените. Рецесијата е неизбежна. Компаниите едвај преживуваат, па ако не им се помогне да застанат на нозе, падот на економијата ќе продолжи. Досегашната поддршка била недоволна. Тие бараат итни мерки веќе од следниот месец.

Откако вчера премиерот Заев напомена дека за новиот пакет антикризни мерки има доволно пари и ново позајмување нема да треба, бизнисмените велат дека надлежните треба да направат добри проценки на кој начин треба да се помогне за да се постигнат најдобри ефекти. Алармираат дека ако мерките не се скројат како што треба, ќе следат нови откази. Отпуштања веќе имаше. Според Агенцијата за вработување која со задоцнување ги објавуваше податоците, на крајот на јуни бројот на невработени изнесуваше над 133 илјади лица. Тоа значи дека откази добиле 27.639 луѓе за 4 месеци.

На бизнисот и тоа како му треба помош. Во периодот од април до крајот на јуни, извозот паднал за една третина, инвестициите се намалиле за 26%, а потрошувачката на домаќинствата за 11%. Опозицијата обвини дека причина за лошите бројки не е само пандемијата, туку  и погрешните економски политики на власта која парите ги искористила за предизборен поткуп. Владата претходно проектираше дека годинава ќе заврши со рецесија од минус 3,4%, за сега, по лошите бројки, да очекува пад од околу 4%.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста