Ребалансот во собрание – опозицијата обвинува за расипништво и поткуп

Јавниот долг уште пред три и пол месеци ја надминал критичната граница од 60% од БДП – потврди министерот за финансии Фатмир Бесими на првиот ден од собраниската расправа за ребалансот на буџетот. Бројките кои ги презентирал пред неколку недели не биле во целост точни. Јавниот долг не изнесувал 59,5%, туку 60,3%. Државната статистика ги ревидирала податоците за вкупниот БДП надолу за минатата година, па јавниот долг статистички пораснал. Бесими тврди дека оваа операција била редовна, министерството не криело информации.

„Со ваквиот нов номинален износ на БДП дефицитот во Буџетот за оваа година наместо 8,4 отсто, ќе изнесува 8,5 отсто иако неговата апсолутна вредност останува иста. Исто е и со надворешниот долг, кој според номиналната вредност на БДП од 30 јуни годинава во однос на БДП беше 59,5 отсто, а сега со надолната корекцијата на номиналниот БДП иако долгот е со иста вредност од 6,527 милијарди евра, претставува 60,3 отсто од БДП“ – вели Бесими.

Опозицијата со низа обвинувања кон власта. Наместо 550 милиони евра, Владата од трите сета мерки за помош доделила едвај третина од парите. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека делењето на платежни картички е поткуп на гласачи,  „Викенд без ДДВ“ е популистичка мерка , а владата ќе продава државни претпријатија додека народот тоне во сиромаштија. Се кратело токму од оние проекти кои требале итно да се завршат.

„Намалени за 70% се средствата за рехабилитација на локални патишта, проектите за гасификација, инвестициите во железницата за милијарда денари и други капитални расходи“ – вели Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според пратениците на СДСМ помошта била добро осмислена. Се зачувале над 100 илјади работни места, а пари требале и за да им се помогне на стопанството и граѓаните, но и за да се враќаат стари долгови.

„Не е дека некој прави поткуп, затоа што така ќе излезе дека сите држави прават. Мислам дека со средствата делуваме на граѓаните и стопанството полесно да ја преживеат оваа криза“ – рече Диме Велковски од СДСМ.

Во ребалансот е зголемена ставката за мебел за 500 илјади евра. Ќе се платат и плус 4,8 милиони евра на извршители. За привремени вработувања наместо првичните 2,4 милиони, ќе се потрошат 2,7 милиони евра, или 324 илјади евра повеќе. Субвенциите и трансферите се зголемени за 169 милиони евра, а ставката разни трансфери за 177 милиони. Ова е историски најголем буџет досега. Расходите надминуваат 4,1 милијарда евра,  а приходите ќе останат на нивото од 3,2 милијарди евра. Дефицитот ќе достигне рекордно ниво од 8,4% од БДП. Земјава ќе заврши во рецесија од минус 4,4%.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста