Реална градежна офанзива или латентна подготовка за брзи избори?!

Се случува ли во земјава реална градежна офанзива или пак само станува збор за скриени подготовки за брзи избори додека се уште е во ек пандемијата од Корона вирусот?! Имено, она на што се заборави во изминатите неколку години, сега одеднаш како да се најде во фокусот и на централните, но и на локалните власти. Се работи и во недела, но и за време на полициски час. Се крпат дупки, се асфалтираат улички, се реконструираат булевари, но и се продолжуваат активностите за изградба на локални мостови кои чинат цело богатство, а со чие финиширање се доцни со месеци.

Конкретниот 10-метарски мост во Прилеп, чија почетна вредност со ланскиот Договор за изградба изнесуваше фрапантни 500.000 евра, сума која ја разбранува јавноста, пред десетина дена, со амин од општината, откако беше склучен и втор Договор за 230.000 евра, доби нова вредност од неверојатни 730.000 евра, по што од пред неколку дена, скромно се започна и со некакви поситни градежни активности, но денеска, градежниците не работеа. Побаравме одговор и од градоначалникот: зошто безмалку цела година се доцни со изградбата на мостот, колкава е неговата вистинска вредност и кога конечно треба да биде готов. Но, неговата ПР-служба не информираше дека одговорите на овие прашања ќе ги добиеме на прес-конеференција, која ќе се одржела в четврток.

Инаку, во прилепскиот регион, во изминатиот период се доцнеше со градежните активности на повеќе проекти, а кои беа најавувани како капитални. Меѓу нив и со изградбата на клучката кај ТИРЗ „Прилеп“, но и со реконструкцијата на патот Прилеп- Градско, за која пред само два месеци имаше оптимистички најави и од ресорниот министер, но и од директорот на ЈП за ДП, Зоран Китанов, според кого делницата Фариш-Дреново требаше да биде готова до крајот на март, и дека во наредниов период, ќе се работело на 19 километри долгата делница до Прилеп.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста