Расте и бројот на заразени наставници и деца во училиштата и градинките

Наставничка по англиски јазик во второ одделение, во ОУ Владо Тасевски  и еден наставник во ОУ Димитар Миладинов во Центар се позитивни на корона вирус. Од Општина Карпош соопштија дека и наставничката е во самозиолација, а сите деца ќе си продолжат со наставата.

Она што се знае е дека предметната наставничка се заразила од лице надвор од училиштето. Дека има Ковид-19 дознала во средата, и од тогаш била во самоизолација.

Високите бројки на заразени не ги штеди училиштата – но од Општина Карпош велат дека максимално ги следеле протоколите и мерките за заштита, оти основните училишта се под ингеренции на локалните власти.

По консултација со епидемиолот, и согласно протоколот и алгоритмот предвиден од Комисијата за заразни болести, е одлучено, учениците од ова одделение да не одат во самоизолација. Основните училишта се под ингеренции на Општината, и максимално се следат протоколите и мерките за заштита од корона вирусот – информираа од Општина Карпош.

Заразениот наставник во ОУ Димитар Миладинов последно бил на работа во петокот и држел часови, но од школото велат дека строго се почитувале мерките. Никој од учениците на кои им предавал, нема да одат во изолација.

Последната информација со која излезе МОН пред неколку дена беше дека од почетокот на учебната година до сега се во изолација вкупно 53 ученици и осум наставници.

Истовремено и во градинките се зголемува бројот на заразени деца или негувателки.  Две деца во градинка во близина на Градска болница во Скопје се дијагностицирани со корона вирус. Претходно, имаше заразени со Ковид 19 во градинки во Струмица, Тетово и Штип.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста