Психолозите предупредуваат внимателно да се следат промените во однесувањето на децата

Насилството, сексуалното злоставување и педофилијата во нашето општество се уште се табу тема – и колку побрзо се скршат табуата, толку побрзо ќе се отворат вратите за решавање на овие проблеми – апелираат дел од психолозите за една од најчувствителните теми на 21иот век. Децата како најчести жртви на сексуалното насилство неретко премолчуваат од страв или срам, но психолозите сметаат дека некогаш и родителите се плашат да пријават со цел да избегнат нивните деца да бидат дискриминирани од околината. Предупредуваат, внимателно да се следат промените во  однесувањето на децата кои можат да бидат знак дека нешто се случува.

Ваквата злоупотреба на децата остава далекусежни последици во нивниот психички, интерперсонален, социјален и понатамошен живот. Она што е важно родителите да го знаат е секако да не бидат вознемирени, уплашени без потреба, но сите разлики во однесувањето на децата се и тоа како важни за родителите да реагираат и да посветат внимание, да прашаат што се случува, меѓутоа да прашаат на начин на кој детето може да им одговори – вели психологот Вида Гавриловска.

Сведоци сме на разни случаи, низ светот и во земјава, кога деца се жртви на сексуално злоставување или насилство. Последниот скандал кој изби е поврзан со 46 годишниот тренер по џудо во Прилеп за кого најмалку три дејвојчиња пријавија дека ги злоставувал.

За да се помине низ овој проблем без трајни последици, потребна е не само психолошка поддршка, туку поддршка од институциите – вели Гаврилоска. Овој проблем  за жал се појавува и кај децата во тинејџерски години, и тешко можат да се охрабрат да зборуваат за тоа.

Злоставувањето, сексуалното злоставување остава последици на личноста, и не е доволно да тоа да се отвори и никогаш веќе да не се спомне и бара сериозен третман да се избегнат последиците на личноста – вели Гаврилоска.

Најголемиот страв кај децата и тинејџерите да прозборат со што се соочуваат е очекувањето дека нема да им се поверува. Злоставувачите неретко се луѓе со авторитет или повисока функција кои уживаат доверба од другите – па затоа жртвите се одлучуваат да молчат, а кога една жртва ќе се одлучи да зборува, прозборуваат и другите. Таков е случајот и со џудо тренерот, по првата жртва, прозбореа уште две. Поради сомневање дека бројот на жртвите е поголем, истрагата добива уште поголем интензитет. 

Изминативе денови цела Србија е вознемирена поради скандалот со сериското силување во училиштето за глума. Професорот по глума Мирослав Алексиќ е осомничен за злоставување на 9 ученички од кои најмладата била на 10 годишна возраст.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста