Протоколи и конечни одлуки нема, но едно е сигурно – учебната година нема шанси да почне на 1 Септември

Учениците жртви на политиката. Партиските препирања дефинитивно го одложија стартот на новата учебна година. Наместо на први Септември, дечињата најрано ќе седнат во училишните клупи кон средината на следниот месец, но само доколку во меѓувреме Собранието ги изгласа измените на законот за образование. Од МОН велат законските измени веќе се подготвуваат.

„Очекувам дека една од првите точки на дневен ред на новото Собрание, ќе бидат измените на Законот за основно и средно образование. Кога тоа ќе се случи не можеме точно да предвидиме. Мислиме дека тоа тешко ќе се случи до 1 Септември, меѓутоа не е ништо страшно ни опасно доколку се пролонгира до средината на Септември“, вели заменик министерката за образование Елизабета Наумовска.

Учениците од прво до трето одделение дефинитивно ќе следат настава во училиште. Физичко присуство ќе има и за учениците од руралните средини, каде тоа го дозволува епидемиолошката состојба. Сите други ќе учат од дома.

„Ако денес во некоја Општина нема заразени можеби утре ќе се појави нов кластер. Затоа јас знам и верувам дека сите училишта се спремаат и се подготвуваат за двата вида на настава. Тука МОН и МИОА помага да ги оспособиме училиштата да бидат подготвени и за настава со физичко присуство , меѓутоа и за настава со учење од дома“, вели Наумовска.

Скратено ќе биде и времетраењето на школскиот час. 30 минути за основците и 35 за средношколците. Законските измени на владина седница ќе се најдат в понеделник.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста