Mасовни протести против покачувањето на цената на струјата – „Наместо светлина, ни донесовте темнина“

„Наместо светлина ни донесовте темнина“ – ова е клучната порака која граѓаните ја упатија на граѓанскиот марш во Скопје.  Револтот кај луѓето не стивнува, повторно излегоа на протест во неколку градови поради покачувањето на цената на струјата за 7,4 отсто. Главниот протест се случуваше во Скопје. Граѓанскиот марш стартуваше од две локации –  огромен број на луѓе од жена парк, и паркот во Чаир, се упатија пред Владата каде го изразија своето незадоволство.

Ова покачување на струјата што го направија душмански верувајте никаде на светот не е случено. Даваат образложение дека имале проблеми со корона кризата и сега загубите што ги направиле сакаат да ги надокнадат преку нашите џебови – изјави претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати, Марјан Ристески.

Протестниот марш доби големи размери, а освен во Скопје, протести се одржуваа и во Гостивар, Тетово, Дебар, Кичево и Струга, јум. И таму луѓето излегоа да бараат слух од институциите. Тетовчани, пак, на денешниот марш се заканија со бугарско сценарио доколку одмине рокот кој им го дадоа на институциите – да ги исполнат нивните барања.

Нека не заборават, овој народ има гнев и е многу разочаран од ваквите политики во земјава.Им дадовме рок до следниот четврток да ги исполнат нашите барања, затоа што ако не сакаат вака, ќе преземаме порадикални мерки, да не се случи бугарското сценарио. Ние сакаме мирно да го добиеме тоа, но ако не се случи, тогаш ќе треба радикалците да делуваат – изјави еден од организаторите, Аријанит Џафери.

Уште минатата недела граѓаните побараа да се укине одлуката за поскапување на електричната енергија, да се намали цената за потрошувачите за 46 отсто, да се намали ДДВ-то од 18 во 5 отсто, и да се национализира дистрибутивната мрежа, и создавање олеснителни околности за простување на долговите на социјалните случаи. Порачаа дека им е доста од вакви ситуации, и ќе се борат до крај.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста