Проф. д-р Коруновски: „Затворањето на институциите и општеството, не е решение во борбата со Коронакризата“

Не баш оптимистички анализи и прогнози доаѓаат од македонската научна фела, како резултат на досега преземените мерки, здравствени и економски, за справување со последиците од пандемијата. Според ректорот на битолскиот Универзитет „Св. Климент Охридски“, проф. д-р Сашо Коруновски, затворањето на институциите и општеството, не е решение во борбата со Коронакризата, која, како што вели, ќе биде многу тешко да се преброди.

„Се предлагаат мерки за заштита и делумни ограничувања, но никој не ги повторува мерките, оние што беа во пролетта. Едноставно, се виде дека човекот и општеството не е спремно да се затвори. И не е добро да се затвори. Новата реалност значи и нови одговорности наши“, – посочува проф. Коруновски.

        Според него, економијата е многу погодена и тој тврди дека посиромашните земји, како што е и нашата, повеќе ќе страдаат. Затоа, тој смета дека низ еден солидарен процес треба да пробаме да излеземе од таа криза, со тоа што секој чинител ќе се однесува крајно одговорно во својата област.

  „Сите прогнози се дека ова ќе потрае најмалку уште една година, што значи шансите за брзо решавање на она што во пролетта го мислевме дека во летото ќе го нема, не се тука. И затоа, ако во пролетта бевме изненадени, од оваа есен не смееме да бидеме изненадени во ниедна сфера. Затоа треба да се спремат сите институции да функционираат и со намален буџет, а и ние како личности – со намалени приходи, но тоа не значи да се деморализираме, туку да работиме, за кога ќе се вратат работите во некоја нормала, да почнеме да ги поправаме нештата кои што сега ги губиме секојдневно“, – објаснува ректорот Коруновски.

Коруновски стои на ставот дека моменталната криза е само еден од низата предизвици со кои ќе се соочуваат современите општества и во иднина и затоа ништо не треба да биде препуштено на случајноста, како што досега ни се случува, дециден е проф. д-р Сашо Коруновски.

  Каролина Дурло   

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста