Македонските пациенти со Ковид-19 ќе се лекуваат во странство?

  • Можно е да се соочиме со ситуација кога и друг кадар ќе работи само со пациенти со ковид-19. Гледате дека се носат пациенти од една во друга земја на лекување, се надевам дека нема да се случи такво сценарио, но и за такви моменти се спремаме“, вели Филипче.

Дали со оваа изјава министерот Филипче признава дека неподготвени го дочекавме долго најавуваниот  есенскиот бран на пандемијата? Дали министерот однапред признава пораз од ковидот?  Македонија од ден во ден урива нови рекорди на корона вирусот. Статистиките за заразени и починати  се меѓу најцрните во регионот. Црвениот аларм одамна свири, а здравствените власти  со задоцнети сценарија како да го гаснат пожарот.

Во инфективните одделенија низ целата земја речиси и да нема слободен кревет, а во главниот град се полни и единствената модуларна болница. Заразени со тешка клиничка слика имаат потреба од хоспитализација  ама нема каде да бидат примени. Интерни одделенија во болниците ширум државата ќе станат ковид центри. Интернистите и останатиот медицински персонал ќе лекуваат позитивни на ковид, дури, ќе се мобилизираат сите медицински лица од јавното здравство во борба со епидемијата. И не само ова.. Последниот план на здравствените власти, предвидува и дополнителни термини за ковид тестирање и ветување, дека бројот на извршени тестови нема да се намалува.  Но кои медицински работници ќе го спроведат  тоа? Првиот човек на Центарот за јавно здравје Александар Стојанов вели дека има кусок на медицинскиот кадар, а освен тоа, и техниката често се расипува, па  се усложнува работата и издавањето на резултатите.

  • Во моментот останати сме без двајца епидемиолози и еден микробиолог. Едниот е на боледување веќе подолго време, другиот најде работа во Холандија и колешка е на породилно отсуство. Имаме отсутни и по други основи, но добиваме и помош од други институции, така да ја компензираме работата, со напор -додава Стојанов.

Токму сега, се гледа потребата од 16 монтажни болници за кои се чека пари од Светска Банка. Дали и тука здравствените власти потфрлија со губење на драгоцено време, наместо со ребалансот кој што е во собраниска процедура да се издвојат средства за поставување на барем неколку од нив, таму каде што епидемиолошката слика е најтешка.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста