Примирјето стапи на сила во Газа: „Ништо не е готово додека не се заврши“
Утринава стапи на сила четиридневно примирје меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, а попладнево ќе бидат ослободени 13 заложници. Примирјето првично требаше да биде во среда, но беше одложено за денеска во 7 часот наутро, по локално време. Безбедносна делегација од Египет, како посредници, ќе бидат во Ерусалим и Рамала за време на ослободувањето на палестинските затвореници, а израелските власти, придружувани од претставници на Црвениот крст и од Египет, на граничкиот премин Рафа ќе ги пречекаат заложниците од Газа.
„Ништо не е готово додека не се заврши,“ рече портпаролот на израелската армија Даниел Хагари во пресрет на размената.
„Ова е тешка и напната вечер за сите нас, особено за семејствата чии најблиски беа земени како заложници. Добивме список со имиња на деца и жени кои треба да бидат ослободени во првата фаза и ги доставивме до нивните семејства. Деновиве ќе бидат комплицирани. Ништо не е готово додека не се заврши.
Ќе ги уништиме сите тунели во болницата Шифа. Нека види светот како болниците ги служат за терористички акции. Тоа нема да го дозволиме во Појасот“, вели Даниел Хагари, портпарол на израелската армија.
Директорот на граничниот премин Рафа од страната на Палестина истакна дека стотици камиони со помош денеска ќе влезат во Појасот.
„На преминот Рафа денеска ќе влезат околу 320 камиони. 4 камиони со 84 тони гас за готвење и 3 камиони со 150.000 тони дизел. Операцијата започна постепено од раните утрински часови“, рече Ваел Абу Омар и додаде дека покрај гориво, се очекува секој ден да влегуваат и 200 камиони натоварени со хуманитарна помош.
Во меѓувреме, воените известувачи велат дека во северниот дел на Газа нема знаци на израелски воздушни активности и бомбардирања. ИДФ ги повика палестинците да не одат во северниот дел на Појасот, опишувајќи го како опасна воена зона. Жестоки борби се водеа во часовите пред да настапи примирјето. И двете страни нагласија дека паузата во непријателствата е само привремена.