Турција во суперпозиција

Турција во суперпозиција

Неодамнешната посета на Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган на Сојузна Република Германија повторно ја разбранува јавноста во Европската Унија. Во изјавата дадена по одржаната средба со домаќинот Канцеларот Олаф Шолц , Ердоган застана во одбрана на палестинците во Газа со што практично се стави во одбрана на Хамас. Не помина без неговото препознатливо напаѓање на Израел. Канцеларот Шолц од своја страна даде целосна поддршка на Израел да го одбрани својот суверенитет.
Медиумите во ударни термини низ дебати уште еднаш го поставија прашањето за потребата оваа земја членка на НАТО и претендент за членка на ЕУ да го ревидира својот настап; го поставија прашањето воопшто за поканата за посетата; па дури и го критикуваа Канцеларот Шолц за воздржаноста и смиреноста. Реџеп Таип Ердоган повторно е обвинет за напуштање на западните вредности, национализам , империјализам, напуштање на секуларноста и соработката со Русија околу набавка на оружје.
Анализите кои се прават тврдат дека Реџеп Ердоган заедно со голем број поддржувачи среде разигранот конфликт помеѓу САД, Русија и Кина го бара местото на Туркије (новото име) како регионална сила. Турција не е ниту про западна ниту про источна, таа просто развива своја автентична турска политика која се базира на историја, геополитичка позиција и капацитет на земјата. Во контекст на овие анализи најчесто се разгледуват двете географски целини Анатолското плато и Мармарис во перспектива на растот на населението и борбата за подобар стандард.
Најнапред, улогата на регионот Мармарис е неприкосновена. Со историскиот договор во Лозана 1923 година за среќа на Турскиот народ регионот Мармарис го заменува интернационалниот статус со турска ингеренција. Мармара со Дарданелите на југ и Босфорот на север помеѓу Азија и Европа е можеби најважниот проток во светот. Овој регион има капацитет да издржува околу триесет милиони луѓе и најголемиот дел од турскиот ГДП потекнува од регионот Мармара. Односно ГДП (per capita) во овој регион е неколкукратно поголем од оној што е вообичаен за другите региони на Турција, па дури е приближен на оној во европските градови. Најважната улога на овој регион е што всушност ги спречува воените бродови од било која страна да поминуваат низ протокот и тоа е најголемата предност на Турција пред НАТО.

Нов Каганат
Преку Анатолското плато НАТО граничи со Кавказ, со Русија, Украина, со Иран, со Сирија кои се постојано невралгичен терен. За да ги одржи овие два региони во единство Турција презема своја политика на надворешна понуда за соработка и мир.
Анализите на западните и домашните неистомисленици му препишуваат на Ердоган неколку политички концепции кои сепак ги нема во официјалните стратешки документи на Турција.
Најпрвин обвинувањата кон Ердоган одат во правец дека развива концепт за нов Каганат. Односно дека води политика на обединување на сите турци по потекло во светот под лоното на Турција. Турското блиско јазично подрачје опфаќа повеќе земји во средна Азија, Балканот и Левант па за турски браќа се сметаат и Ујгурскиот народ во Кина. Во таа перспектива е обвинувањето на Турција за наводна вмешаност во нападот на Азербејџан во Нагорно карабах. Турција наводно има намера преку територијата на Ерменија да допре до Азербејџан. Турција влезе со својата армија неколку пати во северните покраини на Сирија и уште држи окупирани делови. Турција го контролира нафтоводот кој од самостојната територија на Курдите во Ирак ја носи нафтата во своето пристаниште Цејхан.

Калифат
Понатаму, обвинувањата посочуваат дека Ердоган односно надворешната политика на Турција гради таканаречен Калифат. Односно дека се води политика да се стават сите поглавари на сунитските исламски заедници под раката на една сила. Во таа смисла кога Ердоган ја брани настраданата популација во Газа е обвинет дека го брани Хамас кој е дел од генезата на Исламското братство. За волја на вистината голем број од арапските политички бегалци наоѓат склон во Истанбул, ама Хамас се финансира од сосема други држави.
Неоотоманизам е насловот за враќање на империјализмот кој сто години беше забранет и претставува следно обвинување за Ердоган. За да се разбере однесувањето на модерна Турција мора да се распрета во пепелта на Отоманското царство и да се најдат темелите на која израснува денеска таа горда република. Враќањето на младиот Султан Орхан Османоглу заедно со роднините даде нова романтична содржина во политичкиот живот на современата држава. Оваа концепција го поврзува новиот имиџ на Турција не со минатото туку со иднината каде што секој традиционален општествен и социјален елемент и однос особено на Кавказ, Балканот и во Левант би добил свој дел од стратешката улога.

„Mavi Vatan“
Плавото општество или стратегијата „Mavi Vatan“ е концепт развиван од поранешни генерали на турската морнарица. Според овој план Турција мора да ја прошири својата акваторија. Односно да ги оспорува островите на Грција кои се блиску нејзината граница во Егејското море, да смета за своја поголема површина од Црното море, односно да биде душман со Кипар и Либан. Но секако „Плавото општество“ не е ништо друго туку прокламирање на интерес за новите откритија на гас во овие крајбрежни региони. Имено гасот и нафтата низ турска територија поминуваат низ сложена мрежа и течат од Иран и Касписко море кон Европа и Русија. Турција има посебна стратешка соработка со Либија наречена плава линија која повторно е поврзана со енергетските патишта. Енергијата на Турција за понатамошниот развој и раст на економијатта има круцијално значење затоа војската настапува на југ во интерес на хидропотенцијалот од долините на големите реки Еуфрат и Тигар.
Покрај ваквите обвинувања концептите кои се анализират ги нема во стратешките официјални документи од понов карактер. Претседателот Ердоган се понуди да биде посредник во судирот помеѓу Русија и Украина, а ваквата улога сака да ја има и во најновиот судир помеѓу Израел и Палестина. Односно за својата татковина ја избира таканаречената суперпозиција во која не мора нужно да избере страна.
Анализите на овие концепти предвидуват дека овие политики нема да се остварат бидејќи проценуват дека Турција нема сила за вакви мегаломански амбиции. Односно дека нема сила да се наметне како регионален фактор. Но, Ердоган во изборите изјави дека најголема сила на Турција се лојалните граѓани на земјата и оние од надвор кои им мислат добро.

Петар Трајков

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста