Прилепски „Еурокомпозит“, мета на крадци и вандали, предизвиканата штета се проценува на илјадници евра

Наместо влез на очекуваните странски инвеститори, кои интензивно беа најавувани особено во последниве неколку години, во некогашниот југословенски индустриски гигант, а сегашен единстевн македонски загубар, прилепски „Еурокомпозит“, влегоа крадци и вандали. Сликата е повеќе од страшна. Пустошот кој зад себе го оставиле арамиите е како сцена за некој хорор-филм. Вознемирените работници, кои, трагедијата да биде уште поголема, се уште се надеваат на спас на фабриката, разочарано раскажуваат дека предизвиканата штета е огромна.

   „Нема кој да стражари, кој да врши контрола, сето е оставено на милост и немилост….Тоа не може да се опише, до погон, до работилница, секаде е отворено, провалено, уништени се скапи делови…најтрагично е што се уништени трафостаниците, главната работа за една фабрика да функционира…Едно 300-400 илјади евра штета е направена, а фирмата е државна и никој да не се засегне досега за нивна фирма, навистина не е чудно, туку трагично е“, – вели Орде Стеваноски, работник од „Еурокомпозит“.

    Работниците, кои веќе трета година не одат на работа, укажувале на оваа новонастана состојба, но, како што велат досега никој жив не презел ништо, иако, според нивните сознанија, кражбите се случувале и сега. 

   „Од директорот со допис е пријавено, не знам колку пати до Влада, да се преземе нешто дека таму нема кој да стражари, кој да обезбедува…Само дојде полиција, која не ни сликаше, не ни отпечатоци зеде, ништо апсолутно….Оставени на милост и немилост се триесет и кусур души таму што се водиме на работа, ни здравствено, ни пензиско.. и фабриката и луѓето како да се чека да изумреме“, – разочарано раскажува Стеваноски.

    Со цел да дознаеме што навистина се случува во фабриката, и ние го побаравме в.д. директорот на фабриката, Милан Тоцев. Меѓутоа тој не одговори на нашите повици.

    Инаку, работниците од загубарот „Еурокомпозит“, кои патем, со години се оставени и буквално на улица, предупредуваа на оваа опасност и од државата бараа обезбедување на имотот на Фабриката, додека не се реши нејзината судбина. Но, наместо тоа, тие добиваа само ветувања дека странскиот инвеститор само што не дошол и дека фабриката ќе биде рестартиртана. Сега, загрижените работници велат дека веќе нема ни што да се продаде, бидејќи се’ што било вредно, украдено е.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста