Имал право: За Маричиќ не е проблем што Рашковски се шетал слободно, Русковска се уште не постапува

За министерот за правда Бојан Маричиќ не е ништо спорно што Драги Рашковски, кумашинот на премиерот Зоран Заев, шета слободно без полициско присуство, иако е притвореник. Додека тој не гледа никаков проблем, шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, ќе го чекала телефонот со кој бил фотографиран Рашковски за да реагира. Маричиќ смета и дека смета и дека случаите последниов период, како што е овој со Рашковски и оној со Зоки Кичеец, не влијаеле лошо на довербата на граѓаните во правосудството.

-Секој кој што е лишен од слобода во затвор или во притвор има одредени права и одредени обврски. Тие права ги разгледуваат и за нив одлучуваат и судовите, за нас е најважно да се одржи јавната безбедност, судството да функционира по закон. Секој од нас, сите ние сакаме и сакаме тие случаи да бидат во рамките на законот, тоа е за нас најважно, вели Маричиќ.

Иако лице кое е во домашен притвор домот не смее да го напушти без полициско присуство, за да побара евентуална построга мерка, обвинителите прво ќе чекале да биде вештачен телефонот со кој е направена фотографијата со Рашковски.

-Јас се јавив на вашиот колега кој го поседува порталот и побарав лицето кое го снимало да дојде во Обвинителството како би можело да се изврши форензичко вештачење на телефонот, затоа што судот нема да ни поверува нас само на збор, односно на пишувања во портал дека тој е забележан после времето кое му е дозволено излезот, односно напуштање на домот, вели Русковска.

Зошто Рашковски на еден начин е привилегиран и се движи слободно без полициско присуство е нејасно. Инаку, дека добил дозвола за слободно движење од медиумите дознал неговиот кум. Сепак, премиерот Зоран Заев знаел дека причината биле здравствени проблеми.

-Соопштија правосудните органи и МВР дека има дозвола од суд, во точен период кога да оди на лекар и тоа го прочитав од медиумите. Значи ниту знам јас зошто е виден да оди слободно или не, така да знам дека има точно предвидено со решение на судот, кога да оди на лекар заради здравствени потреби. Точно колку пати во неделата, кој дел од денот, изјави вчера Заев.

Инаку, Рашковски е осомничен за набавката на софтвер за потребите на МВР, кој е негова лична иновација.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста