„Пријателска“ рампа на патот кон ЕУ- „братска“ Бугарија со вето за Македонија?!

Нашиот заеднички историски јунак Гоце Делчев, порача Заев.

Сите досегашни отстапки по се изгледа ќе бидат недоволни, останува спуштена рампата за Македонија кон Европската унија. Доколку не се прифатат уцените од Бугарија, односно откажување од историјата пред 1945 година, од македонскиот јазик, како и од многу национални херои, меѓу кои и Гоце Делчев,  Македонија ќе добие вето за старт на формалните преговори со Европската унија. Оваа закана беше објавена од угледните „Политико“ и „Медиапул“.

Дека постојат услови и уцени од Бугарија тврди и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски. Повикувајќи се на дипломатски извори, вели дека шефот на МНР Бујар Османи, на последната средба со бугарската колешка Екатерина Захариева, добил нон пејпер со барања, кои мора да бидат исполнети, во замена за поддршка на патот кон ЕУ. Како што вели Милошоски тие барања се темелени врз ветувања кои Заев ги дал претходно.

-Бугарија јасно ги изразува позициите, кој што претходно му биле соопштени и на претходниот министер Димитров и на премиерот Заев. И бара гаранции дека или тие барања веднаш ќе почнат да се спроведуваат едно по едно со предвидена динамика или Владата во Република Македонија дека треба да направи некој чекор со кој што ќе го гарантира исполнувањето на тие барања, изјави Милошоски.

За се пореалната блокада од Бугарија пишува и хрватски „Вечерњи лист“. Таму се вели дека Бугарија има осум барања за тоа како треба да изгледа спроведувањето на договорот за пријателство со Македонија. Едно од нив е Владата на Заев да прифати дефиниција според која Македонците не постоеле, односно дека се производ од како што е напишано инженерингот на Тито. Според „Вечерњи лист“ уште едно од барањата е да не постои македонскиот јазик, односно да се нарекува „официјален јазик на Република Северна Македонија“.

-Владата на премиерот Зоран Заев се согласи и на промена на името на државата, како би ги отстранила препреките за почеток на преговорите, кои доаѓале од Грција, а пред договорот со Грција е потпишан и договор за пријателските односи со Бугарија, кој требаше да ги отстрани сите бугарски препреки. Но, Бугарите и понатаму се закануваат со вето, пишува „Вечерњи лист“.

Македонија веќе даде многу, но изгледа тоа не е доволно. Бугарија бара отстранување на за нив проблематичните споменици, а на помош беше понудена и нивната армија.

-(ПРАШАЊЕ: Така како што за еден ги отстранија сите табели со Александар Македонски, името на автопатот и ги сменија табелите на Аеродромот, за еден месец до декември Македонија треба да ги тргне спомениците?) Ако треба ќе им пратиме инженерски полк да им помогне да ги тргнат побрзо, или па ако треба ќе им пратиме од овдешната организација на ВМРО, ќе ги отстранат за 24 часа, изјави Каракачанов.

Македонија некаков ветар во грб во оваа речиси изгубена ситуација добива од Берлин и Брисел, од каде изразуваат надеж дека преговорите за членство во ЕУ ќе започнат до крајот на годината. Од Бугарија пак многу поостар речник. Како што пишува „Медиапул“, од таму бараат Македонија да престане да се жали и да се претставува како жртва во Брисел.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста