Пред самиот старт на откупната кампања, македонските тутунопроизводители поделени по однос на новиот Правилник

Пред почетокот на откупот на тутунот од годинашнава реколта и по неодамна донесениот нов Правилник за вреднување на класите, а со кој се укинува четвртата класа, македонските тутунари поделени. Додека од Сојузот на земјодлески здруженија уверуваат дека новиот Правилник, кој тие го потпишаа, бил историска победа за тутунарите, од новоформираните тутунски здруженија пак, кои не учествувале во креирањето на Правилникот, се сомневаат дека без анекси кон овој Правилник за зголемување на цените по класи, ќе ги снајде ланската судбина, односно родот ќе им се откупува за џабе.

„Јас мислам дека за тутунарите ова е историски правилник, изменивме доста работи во Правилникот, каде во првата класа ги зголемивме сантиметрите на тутунот од 12 на 14 сантиметри, во втората класа ги зголемивме до 18 сантиметри, значи вистинскиот среден лист сега може да оди 18 сантиметри.Тоа значи, таа класа нема да биде 64 ден., туку сите компании се нафатија да си остане цената на истата цена што ја имаше „втората-прва“ класа“ – вели Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјодлески здруженија.

„Според нас, како тутунски здруженија, сметаме дека измените на Правилникот се само една козметика која што се создаде пред откупов, еве на тутунот. Четвртата класа не само што не е укината, туку од четврта класа се преименува само во доплонителна прва и едни мали измени кои што мислам дека не заради нив, туку само заради зголемениот квалитет на тутунот што го имаме, можно е да очекуваме да се добијаат повисоки откупни цени…“, – посочува Игор Мирчески координатор на четрите новоформирани тутунски здружренија.

Македонските тутунари велат дека годинава приносите биле намалени, но затоа квалитетот на тутунот бил многу висок, заради што се надеваат просечната откупна цена да достигне до 220 денари за килограм тутун. Од овие причини, тие очекуваат и максимална ажурност на Инспекторатот и на поверениците при самиот откуп, а кој треба да започне после 20-ти ноември. Годинава се очекуваат околу 18 милиони килограми тутун, што е значително помалку во однос на минатата година.

„Очекувам годинава негде околу 4,5 тони тутун да внесам, спрема ланската реколта сум помалку…Тоа што помалку излегува тутун, тоа е затоа што луѓето лани…од што беше пореметена работата, луѓето се револтирани, затоа и помалку тутун има“, – вели Николче Мирчески, тутунопроизводител од с. Беровци.

Инаку, од вчера, заради познатите политички збиднувања во земјава, Министерството за земјоделство е без министер, бидејќи актуелниот министер Аријанит Хоџа си поднесе оставка, што според тутунарите може да им биде и дополнителен проблем.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста