Македонија во политичка криза, владата нема мнозинство во парламентот, БЕСА го напушти Заев

Влегува ли Македонија во сериозна политичка криза на чело со влада која нема легитимитет во Парламентот? Откако без потребното мнозинство, без ниту еден пратеник од опозицијата, во присуство само на премиерот Зоран Заев и на министрите, собранискиот спикер Талат Џафери констатираше дека владата останува и не е изгласана недоверба.

Ваквиот исход од седницата уште толку ја заплетка целата ситуација особено што власта сега нема мнозинство во Собранието, односно нема 61 пратеник што може да ја блокира и работата на Парламентот. 

Досегашниот коалиционен партнер на СДСМ, БЕСА, ја напушта владата. Министерот за земјоделство Аријанит Хоџа и двајцата заменици министри си поднесоа оставки по драматичниот собраниски тек за гласање на недоверба на владата. Хоџа е јасен дека Беса ќе делува локално, а секое партиципирање во влада во која е ДУИ е самоубиство за партијата.

А статусот на Алтернатива по ваквиот исход е нејасен. Откако во завиена форма првиот човек на партијата Африм Гаши во изјава вели дека ако има потврда дека земјава е блиску до датум, тогаш немале дилема каде треба да се ориентираат, од партијата за Алфа велат дека немаат такви ставови.

„Да направиме анализи. Да се консултираме со меѓународниот фактор и ќе донесеме одлука. Ако имаме силна потврда дека блиску сме до датум, тогаш немаме дилема каде треба да се ориентираме“, рече Гаши.

Од партијата на Села велат дека по ваквата разврска во Македонија се докажало дека мафијата има држава. Синоќа не потфрли новото мнозинство, а уште помалку опозицијата, децидни се од партијата.

-Една Влада со 59 пратеници, се чатали и дрско се однесува кон граѓаните и бара спас преку уцени, закани, купување или киднапирање пратеници. Еден хибриден режим кој се повикува на европски вредности, а целиот нејзин мандат и крајот се карактеризира со постапки и скандали спротивни на тие вредности. Синоќа не потфрли новото мнозинство, а уште помалку опозицијата. Синоќа се вклучи алармот за сите граѓани и за меѓународната заедница. Синоќа се потврдија сите оценки на меѓународните организации за Северна Македонија, а се потврдија и сите наши предупредувања. Кога на избран претставник на народот му се оневозможува да си оди на работа, тогаш што може да биде со обичниот граѓанин, вели Снопче.

Владејачката СДСМ преку координаторот на пратеничката група најавија дека мнозинството ќе расте и тоа ќе го кажеле , но засега молчат без никаква информација.

По неизвесноста и бурниот ден, пратениците од опозицијата побараа брзи предвремени парламентарни избори за излез од политичката криза.Јавно го повикаа шефот на државата Стево Пендаровски да најде алтернатива која ќе доведе до излез од кризата, па дури и итна лидерска средба.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста