Македонија останува без пиротехничари, но со многу неексплодирани мини

Македонија е послана со неексплодирани убојни средства – од првата светска војна изминаа 105 години и наместо да се намалува, бројот на неексплодираните гранати и други убојни средства се зголемува, алармираат од Дирекцијата за заштита и спасување. Згора на се државата кубури и со кадар. Во моментов на располагање има само 7 пиротехничари и доколку итно не се вработат нови кадри, Македонија за 3 години ќе остане без ниту еден пиротехничар, оти сите се пред пензија.

„Буквално тие луѓе се сите стари. Тие ја поминаа границата на пиротехничари одамна. Колку години не е вработен ниту еден пиротехничар? 16 години не е вработен.Бидејки таа е ризична работа, а условите за работа, нас воопшто не ни беа прилагодени. Досега бевме држава во која немавме бенифициран стаж, иако се максимално ризични“, вели Ефтим Митров од Дирекција за заштита и спасување.

Експерите загрижени, велат дека бројот на неексполидирани убојни средства ќе се зголемува и во наредните 15 години. Кажуваат дека просечно, на ниво на држава, секој втор ден имаат интервенции, само оваа недела на 8 локации отстранувале убојни средства. Ова значи дека повеќе од потребно е инвеститрање во нов кадар и не само тоа.

„Човечките и техничките ресурси се еден од клучните фактори. Зголемување на бројот на вработени лица и секако набавка на современа опрема“, рече Марина Малиж Саздовска, професор на Факултет за безбедност.

Во изминатите 10 години едно лице настрадало од неексплодирани убојни средства a има и 4 случаи на повредени луѓе кои останале инвалиди. Ескпертите ги посочуваат најризичните региони.

„Иначе скоро сите тие средства се исправни, значи со запалки. Сите тие сретства се активни и јас така ќе наречам-чекаат жртви. Сите што се на земја се опасни, не смеат да се фаќаат, несмеат да се поместуваат. Најдобро е само да пријавите и ништо друго. Најризични региони се битолскиот и струмичкиот. Линијата на Солунскиот фронт е премногу загаден и таму имаме секојдневни интеревенции“, рече Ефтим Митров.

И Охридското езеро не е целосно исчистено од неексплодирани убојни средства. Пред неколку години се споведе акција во која беа извадени 8000, а надлежните велат дека има најмалку уште толку неексплодирани убојни средствата во езерските води. Ако е за утеха тие не се опасни се додека не се извадат на копно.

Росица Голабоска