Пожар ја проголта целата документација на Инспекторатот за животна средина

Замина ли целата документација на Инспекторатот за животна средина во неповрат поради пожарот кој избувна утрината? Огнената стихија која избувнала околу 6.50 минути за среќа не зема жртви, но целосно ги уништила канцелариите на оваа институција, но не и онаа на директорот на испекторатот Фејзула Спахија. Првиот човек на инспекторатот контрадикторен – првичната информација која ја даде беше дека скоро сите документи се уништени, но се премисли – допрва инспекторите ќе утврдувале, дали и што останало од важните записи од работата на оваа институција.

Според првичните проценки, пожарот бил предизвикан од проблеми со електричната иинсталација. Она што дополнително загрижува е што во објектот не функционирал ниту еден од хидрантите. При гасењето на пожарот, од водата се уништиле и дел од компјутерите, во кои имало електронска форма на документите – нејасно што останало во компјутерите е и за директорот на Инспекторатот – најави дека штетата ќе се утврдува деновиве.

Освен документи за увидот што го вршеле инспекторите од разни области, во пожарот најверојатно изгореле и документи за веќе отворени предмети, чие истражување моментално ќе биде стопирано – до кога – не се знае. Инаку, во надлежност на Инспекторатот е и контролата на уредувањето на речните корита, индустриските капацитети, хидроцентралите, увозот за отпад – области за кои постојано има реакции од јавноста. Истрагата е во раце на истражните органи кои треба да дадат детални одговори за причините за несреќата.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста