Потресни сведоштва на украинските бегалци – бевме очи в очи со окупаторот

Со само една торба во раце во која го спакувале целиот свој живот илјадници Украинци брзаат да заминат од завојуваните подрачја во обид да се спасат од воената инвазија. Со солзи во очите и со денови без храна, очајно се обидуваат да ги спасат своите семејства и да ги донесат до безбедна територија.

-Заборавив кога јадев последен пат. Исплашена сум но морам да продолжам да одам, вели Олена, жителка на Ирпин.

Илјадници бегалци од Ирпин последната надеж за спас од војната ја гледаат во хуманитарните конвои со кои последниве неколку дена заминуваат Украинците.

-Има многу луѓе кои останаа во своите засолништа,  немаат вода, мобилна мрежа, гас или ништо. А Русите им ги оштетија и телефонските врски, вели Дмитро Витковскиј – жител на Ирпин.

53-годишниот Јури Бушински  и неговата сопруга од Ворзел раскажуваат за ужасот кој го поминуваат од почетокот на руската инвазија. Вели дека во неговиот шелтер центар биле убиени тројца луѓе од страна на руските војници, а биле директно нападнати и во нивниот дом.

„Останавме 14 дена во засолништа. Беше многу страшно. Три лица беа убиени во нашето засолниште од Руси. Тие пукаа во луѓе со автоматски пиштол. Фрлија шок-бомби и првите тројца кои се обидоа да избегаат беа застрелани“, раскажува Бушински.

„Окупаторите дојдоа кај нас и беа спремни да пукаат. Имавме среќа што јас прва излегов, во случај маж ми да отидеше прв, ќе пукаа во него. Ни ја одзедоа куќата, автомобилот, документите.Сега треба да го започнеме нашиот живот од почеток.Преживеавме работи кои никогаш не ги доживеав во мојот живот, сведочи Бушинска.

Од воените дејствија во Украина досега во други земји засолниште побарале повеќе од 2,3 милиони лица, од кои повеќе од 112 илјади државјани на трети земји, соопшти Агенцијата за миграции на ОН.

Полските погранични служби објавија дека од почетокот на воените дејствија во Украина на 24 февруари до денеска во Полска влегле 1,43 милиони бегалци. Само во текот на вчерашниот ден тоа го сториле 117.600 лица.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста