После ладните пораки од Брисел и Софија можеме ли да очекуваме нешто од посетата на Генчовска?!

Може ли да донесе некаков напредок за Македонија посетата на шефицата на бугарската дипломатија, Теодора Генчовска. Според пораките кои пристигнуваат последниов период такво нешто е невозможно. Имено како што веќе претходно соопшти и премиерот на Бугарија, услов за Софија да ја крене рампата е влез на Бугарите во Уставот, што во овој момент не изгледа изводливо.  

-Ние сме за европската перспектива на Северна Македонија, како и на Албанија. Но, постојат одредени работи што треба прво да се решат, како што е почитувањето на правата на Бугарите во Северна Македонија, со гаранции во рамките на Уставот. Имаме план и многу добра комуникација со Владата на Северна Македонија и се надеваме дека брзо ќе одиме напред, изјави Генчовска.

Додека од Бугарија гласно говорат за своите позиции во однос на овој спор, од Македонија молк ништо речиси не се открива. Ниту кои се нашите позиции, ниту што се преговара со источниот сосед. Единствено што е познато е дека сме имале разлики, но без да се откриваат детали.

-Се уште сме во различни позиции во однос на трите главни прашања, но мислам дека фактот што се сретнуваме толку често е предуслов да може да се успее. Тоа што го имаме сега е дека секој разговара за своите позиции. За кои три точки не се согласувате ? – Не можам да навлезам во детали, изјави Османи.

Македонија еден студен туш околу европската иднина доби и од високиот претставник на Европската унија Жозеп Борел. Претходно најавуваниот добиен датум сега стана волја за датум.

И покрај сите вакви пораки последниов период од Владата сепак гаат надежи дека Македонија може да напредува во евроинтеграциите и тоа во моменти кога кај македонските граѓани секојдневно расте евроскептицизмот.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста