Пописот под знак прашалник – пропадна последниот конкурс за попишувачи

Еден куп конкурси за попишувачи, но ниту еден успешен. Денеска е крајниот рок од последниот конкурс за граѓани кои треба да го спроведуваат пребројувањето на населението, но и овој пат, како и претходно, доволно попишувачи нема. Како ќе се одржи пописот без потребната бројка на попишувачи не се знае. Последните информации од Симовски за Алфа се дека проблематично е во 20 региони, иако овој конкурс беше еден од најдолгите, сепак бројката не се достигна.

– Бројката на пријавени попишувачи не е задоволителна, апликацијата ќе стои отворена. Најмногу попишувачи фалат во скопските општини, во општините со албанско население- Гостивар, Тетово, Кичево. Малку пријавени има и во Охрид, Струмица и Ново Село. Сметаме дека тоа се должи на летните одмори и на тоа што луѓето по цел ден се по земјоделски работи. Ќе продолжиме со повиците и на локално ниво, поставуваме огласи и на стамбените згради и се надеваме дека ќе дојдеме до потребната бројка, вели Симовски за Алфа.

Проблемот зошто нема попишувачи, Симовски го гледа во порастот на ковид статистиката околу летните одмори, иако и пред конкурсот лесно беше предвидливо ваквото неуспешно сценарио. На прашањата кој е планот б ако конкурсот не успее, претходно Симовски уверуваше дека се очекува позитивен епилог. Но, попишувачи пак нема.

Сепак, нов конкурс барем засега нема да има, вели Симовски, ќе останела отворена онлајн апликацијата за пријавување. Од оние попишувачи кои се пријавиле половина биле вакцинирани, а останатите не, но ќе се вакцинирале, барем така кажале.

Инаку овој конкурс беше отворен на 20 јули и првично требаше да трае до 5 август, но поради летните одмори беше продолжен до 12 ти. Во меѓувреме продолжува електронското самопопишување на државјаните на Македонија кои се на привремена работа или престој во странство. Досега, според податоците објавени на веб страницата на ДЗС, преку апликацијата за самопопишување се евидентирани вкупно 190 359 лица  од дијаспората. Физичкиот попис на населението, во Македонија треба се одржи од 5 до 30 септември.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста