Хаос со личните карти – Граѓаните во безизлезна ситуација

Граѓаните може само „да се сликаат“ – над 37 илјади чекаат да им бидат издадени лични карти, а скоро 90 илјади поднеле барање за патни исправи. Но кога ќе може да си ги подигнат не се знае. Новиот закон заглавен во Собранието со 1500 амандмани, од кои 1200 се поднесени од партијата Левица на барањето на БЕСА за во личните документи да стои и етничка припадност.

Граѓаните кои имаат потреба од вадање на овој документ за лична идентификација слободно можат да се јават во МВР, каде ќе добијат термин за сликање. По сликањето добиваат бело ливче на кое стојат податоците за новиот документ за лична идентификација, но со него не може да се завршат ниту основни работи во банка, се жалат граѓани.

Алфа побара став од Министерството за внатрешните работи како граѓаните да ги завршат своите работи во институциите без лична карта, додека чекаат да помине законот.Зошто ги оставаат во безизлезна ситуација?  Надлежните немаат решение за ова.


– При поднесување на барање  за замена на лична карта на  согласно важечките законските прописи на граѓаните им се издава потврда за поднесено барање кое исто така се приложува при издавањето на личната карта  во која стои и матичниот број на граѓанинот, а   бројот на личната карта не се внесува во потврдата бидејќи истиот е дел од новата новата лична карта.  МВР во рамките на своите надлежности активно и континуирано работи да обезбеди поддршка со цел олеснето и забрзано остварување на правата на граѓаните и надминување на ваквата состојба предизвикана од недонесувањето на потребните законски измени-велат од МВР.

Новиот закон, требаше да почне да се применува од 1 јули 2021 година, но пратениците од одмор се враќаат идната недела, а според неофицијални информации законот ќе остане заглавен во законодавниот дом уште најмалку два месеци.

 А како што е познато, со новиот Закон е предвидено во личните карти да стои новото уставно име на земјава, но и личните карти да бидат двојазични. Така е прилагоден и новиот софтвер на МВР, но тие не смее да се издаваат се додека не се изгласа Законот.

Моментално издадените лични карти пак со име на државата „Република Македонија“, ќе важат до истекот на рокот на важење кој е наведен во личната карта, но најдоцна до 12 февруари 2024 година.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста