Политички пазар уште неколку дена, до почеток на септември Македонија ќе добие нова Влада

Нова Влада на почеток од Септември – согласно роковите за формирање на извршната власт, новиот владин состав би требало да биде познат за пет седмици.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, веќе го потпиша Решението за свикување на првата конститутивна седница на Парламентот. Таа ќе се одржи на 4 август, точно напладне и тоа според строгите протоколи за заштита од корона вирусот кои ги предложи Комисијата за заразни болести. По формирањето на Парламентот почнуваат да течат и роковите за формирање на Владата.

Претседателот на државата, Стево Пендаровски е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот.

Мандаторот, пак, во рок од 20 дена на Собранието треба му поднесе програма и да го предложи составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Најмногу пратеници во десеттиот собраниски состав има коалицијата Можеме предводена од СДСМ – 46. Коалицијата „Обнова“ на ВМРО ДПМНЕ има 44 пратенички места, ДУИ 15, Алијанса за Албанците и Алтернатива -12 Левица – 2 и ДПА на Мендух Тачи доби еден пратеник.

Уставот предвидува мандат за формирање на нова Влада да добие тој што може да обезбеди парламетарно мнозинство, односно најмалку 61 пратеник. Доколку партијата со најмногу освоени гласови, во случајот СДСМ, не успее да договори мнозинство, мандатот во тој случај треба да се довери на второрангираната партија според бројот на освоени пратенички места.

Б.Б.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста