Полицијата да биде подготвена: Наредниов период може да се очекуваат уште случувања како вчера

И во наредниот период можеме да очекуваме случувања како оние вчера во МНТ, со лажни дојави за бомби, смета експертот за безбедност, Љубомир Ѓурчевски. Тој за Алфа говореше и за мотивите кои може да стојат зад ваквиот потег. Вели може да се детска игра, средношколска желба за отсуство од училиште, но вели мотивите може да се и политички, токму поради политичката состојба во која се наоѓа Македонија.

ТОНСКО ЉУБОМИР ЃУРЧЕВСКИ- експерт за безбедност: Не се исклучени ниту политичките мотиви заради целата оваа политичка криза во која што се наоѓа Република Македонија. Гледате ние немаме ефективен парламент, се уште се трага по парламентарно мнозинство, можеби да се скрене вниманието од некој друг настан, од некој иден поголем криминоген настан. Сето тоа мора да го имаме во предвид како експерти дека може повторно да ни се случуваат вакви дојави.

Ѓурчевски вели дека повторување на вакви дојави можеме да очекуваме до нова година, поради тоа порача дека е потребено зголемено полициско обезбедување, пред местата кои МВР би ги сметале за ризични за такво нешто. Пред се, ако се знае дека претходно имаше закани за можни терористички дејствија во Македонија и Косово.

-Полицијата сега особено криминалистичката полиција и државниот јавен обвинител, надлежниот обвинител, односно обвинителот на градот Скопје и од одделот за гонење на кривични дела од организиран криминал не смеат да ја запрат до пронаоѓање, односно до утврдување на локацијата од каде што е дојден повикот, дали тоа е некоја телефонска говорница во градот, дали тоа е мобилен телефон, статичен телефон, дали е тоа институција, приватен стан итн, изјави Ѓурчевски.

Ѓурчевски вели дека вчерашната полициска акција имала повеќе пропусти од кои два повидливи, кои не смееле да се случат. Сепак, вели полицајците заслужуваат добра оценка за вчерашната акција.

-Вчера имаше два пропусти, кој што така паѓаат во очи. Тоа е неприсуство на брза помош на лице место и неприсуство на пожарно возило на лице место, додека трае барањето од страна на антитерористичките екипи. Значи што се прави се обезбедува лице местото, се врши евакуација на лица кои работат во тој простор, кој се затекнати, но таа евакуација не смее по ниту една цена да биде панична со трчање, со вриштење, со пиштење.

Ѓурчевски вели и дека нормално е по вакви потези да има паника кај граѓаните, но смета дека за такво нешто нема потреба, а да не дојде до паника треба да се погрижи и самата полиција со навремена реакција.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста