Македонија пред струен ценовен шок – власта прави пресметки, граѓаните вознемирени

Високата цена на струјата на светските берзи ќе донесе ново поскапување на струјата во Македонија. Владата на седница го разгледува предлогот на „ЕСМ“ за новата тарифа на струјата, а според првичните информации Електрани ќе побара зголемување на цената за повеќе од 10%. Од таму за Алфа велат дека наместо сегашните 36 евра за мегават час, ќе бараат 44 евра.

Сепак официјално, каква ќе биде цената која ќе ја плаќаат граѓаните ќе се знае веќе од следниот месец. Граѓаните се пожалија дека биле оставени буквално на цедило, зашто сиот товар ќе се паднел на нивни грб.

Стопанствениците реагираа дека состојбата со електричната енергија во земјава е алармантна. За да се ублажи ударот, од Стопанската Комората велат дека мора да се зголеми домашното производство, и да се активираат сите домашни капацитети.

Сега членките на Стопанската комора се мобилизираат како со здружени сили да го решат проблемот и посочуваат дека целта нема да биде создавање профит туку да им се помогне на стопанствениците да имаат сигурност при набваката на електрична енергија во услови на криза.

  • Има големи компании кои можат да набават струја по 90 евра за мегават час, но не можат тоа да го направат зашто немаат дозволи за увоз. има и помали компании кои немаат начин како да увезат електрична енергија иако имаат пари и можат да ја платат, рече Антони Пешев, извршен директор на Стопанската комора на Македонија.

Владата минатата недела даде зелено светло по 12 години да се активира „ТЕЦ“ Неготино. Државната „ЕСМ“ сега треба да набавува мазут. Од среда треба со работа да почне и Осломеј, а се работи и на санација на третиот блок во „РЕК“ Битола, според досегашните информации од државната „ЕСМ“, блокот би требало да почне со работа следната година, откако пред извесен период беше зафатен од пожар. Во моментов во комбинатот работат двата блока.

Инаку, Владата на 9-ти месецов прогласи кризна состојба во енергетиката во траење од 30 дена. На енергетските компании им беа вбризгани 65 милиони евра. Последниот збор го има Регулаторната комисија за енергетика.

Инаку, проценките се дека цената на струјата на светските берзи и понатаму ќе расте, а стабилизирање се очекува најрано во вториот квартал на 2022. Во моментов, цената на струјата на светските берзи се продава за нешто над 200 евра од мегават час.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста