Почина овчарот од кратовското село Емирица Златко Божинов

63 годишниот овчар од село Емирица, кој поради негрижа на дел од институциите едвај беше спасен од завеаните кратовски планини денеска почина во Штипската болница. Тој го загуби животот и покрај напорите на младиот доктор, кој со неколку луѓе, цели пет часа, по едвај прооден предел, го носеа на раце во импровизирана носилка од неговата куќа до возилата. Беше примен во болница во коматозна состојба, а причина за смртта е мозочно крварење.

Овој случај предизвика гнев во јавноста откако голготата да се спаси човечки живот во завеаните планиски предели на социјалните мрежи ја раскажа младиот доктор Павле Зафиров, вработен во Здравствен дом -Кратово, кој заедно со роднини, шоферот и медицинската сестра по козји патеки завеани со снег го носеа на раце за да му помогнат и го пренесат во болница.

Пред да стигне докторот до него, кратовчанецот  цели 12 часа лежел во снег во близина на домот, а неговото тело го греела неговата 90 годишна мајка. Откако помошта пристигнала и видела дека состојбата е критична побарале помош од надлежните, но никој не се одзвал на повиците за помош, па морале на раце да го донесат до возилата кои биле оддалечени неколку километри од местото.  

Иако младиот лекар  преку директорот на Здравствен дом Кратово побарал  да се обезбеди хеликоптер, градоначалникот Љупчо Бојаџиев кој по вокација е лекар, не го зел во предвид итното барање на својот помлад колега.  Образложението било дека процедурите за летови биле долготрајни, ќе се изгубело драгоцено време, а прашање ќе било дали и ќе го добијат.

Затоа што не помогнале  во овој трагичен случај силни критики доби и центарот за управување со кризи, со кое раководи Стојанче Ангелов, кој пак, најави дека ќе биде составена и петчлена комисија која детално ќе испита што се случило. Сепак, се правдаат дека докторот и екипата на терен барале трактор или џип, а не хеликоптер за да го евакуира кратовчанецот.

Иако државата пред две години почна постапка за набавка на хеликоптери за итна медицинска помош, таа беше прекината. Случајот доби на тежина и предизвика силни реакции на социјалните мрежи и поради информацијата дека премиерот Заев и дел од министрите го користие полицискиот хеликоптер за да присуствуваат на настан во Прилеп, наместо тој да се користи за вакви случаи. 

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста