Пендаровски му го дава мандатот на Заев- дали Насер Зибери ќе биде новиот премиер на Македонија?!

Насер Зибери премиер една година, па Зоран Заев шеф на Илинденска три години, Алфа телевизија дознава дека ова е варијанта која повторно е во игра за состав на нова Влада. Оваа информација доаѓа истиот ден кога претседателот Пендаровски соопшти дека мандатот за состав на новата Влада ќе му го даде на Заев, на еден ден пред истекот на рокот. Со одлуката на Пендаровски  почнуваат да течат 20-те дена, кои лидерот на СДСМ ги има да состави Влада. Интересно е што во соопштението на претседателот не стои дека Заев обезбедил 61 пратеник, туку само дека преговара.

-Зоран Заев, во име на коалицијата ,,Можеме”, којашто има освоено најголем број пратенички мандати во Собранието, го информираше претседателот Пендаровски за преговорите со повеќе партии за обезбедување на неопходното мнозинство во Собранието за избор на владата, велат од Кабинетот на Пендаровски.

Шпекулациите дека на Илинденска ќе шефува Зибери ги зголемува и реториката на СДСМ. Преку соопштение од таму информираат дека Заев ќе биде мандатор за состав на новата Влада, но не споменувајќи дека тој ќе биде идниот премиер.

-Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев ќе биде мандаторот за состав на новата Влада која ќе ја води државата напред во следните четири години. Во тек се сериозни разговори за формирање стабилно парламентарно мнозинство и владина коалиција со полн, четиригодишен, стабилен мандат, велат од СДСМ.

Од двете партии се уште официјално молчат пред медиумите, а ситуацијата изгледа е иста и пред коалиционите партнери. Павле Трајанов, кој во Собранието влезе како дел од коалицијата на СДСМ, за Алфа вели дека не е информиран за што преговараат Заев и Ахмети.

Според првиот човек на Демократскиот сојуз, за која било од македонските партии би било погубно да го прифати условот за Албанец премиер. Сепак не сакаше да одговори на прашањето на Алфа, дали би гласал за Влада предводена од Албанец, доколку таков е договорот меѓу СДСМ и ДУИ.

-Апсолутно мислам дека тоа би било голема авантура и дека секоја политичка партија што ќе направи таков потег, по секоја цена да дојде на власт, а да прифати било какви уцени, мислам дека таа политичка партија да не очекува поддршка од граѓаните, од гласачите и тоа би било погубно за таа политичка партија, изјави Трајанов за Алфа.

По последната официјална средба меѓу Заев и Ахмети и двајцата кажаа дека се уште не е постигнат договор. Запрашани околу условот за Албанец премиер, лидерот на СДСМ не сакаше да одговори, велејќи дека така може да му наштети на преговарачкиот процес, додека пак Ахмети кажа, колку се блиску толку се и далеку од договор.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста