Пандемијата се шири, власта се правда, вакцини нема

Февруари заминува, ама остануваат празните ветувања на Заев и Филипче дека 200.000 дози од кинеската анти ковид вакцина ќе стигнат во Македонија. И денес, по кој знае кој пат, министерот за здравство наместо за конкретни датум, зборуваше за договори, преговори, прашања, барања….

„Не би сакал сега да шпекулирам, сакам да бидам прецизен тогаш кога точно ќе знаеме кога ќе пристигнат. Еве се пролонгираше малце периодот, очекувам да сите овие разговори завршат за што пократко време. Секојдневно има некои нови прашања од компаниите, тоа важи за сите компании, стигнуваат информации, барања и од Астра Зенека преку Ковакс механизмот, од Фајзер кој што се уште го очекуваме драфт договорот, со руската компанија интензивно разговараме и секако и со кинеската. Така да верувам дека во следните неколку денови ќе може многу точно да кажам кој ден ќе пристигнат вакцините“, рече министерот за здравство, Венко Филипче.

И додека светот масовно се вакцинира, кај нас останува да виси прашањето – дали надлежните доцна се впуштија во преговори со производителите, откако увидоа дека Ковакс механизмот на кој толку му веруваа, потфрли?

Од друга страна, бројот на ново заразени од ден на ден расте. Британската мутација забрзано се шири, а надлежните, наместо да воведат нови рестрикции како што тоа го направи соседна Србија, за сега само анализираат.

„Не е исклучена можноста, но за сега не. Нема такви индиции и индикации затоа што порастот не е таков нагол, како што беше на почетокот на Ноември. Има еден благ пораст, што не е ризик за болничките капацитети, но секако е причина да бидат граѓаните апсолутно многу внимателни“, вели Филипче.

Бројот на ново заболени расте во Прилеп и Охрид, а Кавадарци веќе се искачи високо на листата со најголем број на нови случаи веднаш зад Скопје.

Дека состојбата станува алармантна преку социјалните мрежи алармираше и доктор Олумчев, од Центарот за јавно здравје Велес.

„За жал, полека но сигурно се враќаме на состојбата со бројот на новозаболени како пред три месеци! Лошо, многу лошо!“, пиша на Фејсбук, доктор Сашко Олумчев.

Инаку, во болниците ширум земјава се лекуваат 670 пациенти со компликации од Ковид 19.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста