Паѓаат бројките на новозаразени, но по новогодишните празници можен е нов пик

Непочитувањето на препораките за време на новогодишните и божиќните празници би можело да предизивка нов корона пик во Јануари, признава министерот за здравство Венко Филипче. Тој ги повика граѓаните да бидат дисциплинирани за време на празниците за да може состојбата со корона вирусот да се држи под контрола. Вели мерките кои ги донесе Владата, вклучително и ограниченото работно време на угостителските објекти дале резултат па бројот на новозаразени во изминатите денови се намали за двојно. Сепак, вели болниците се подготвени и за нов пост празничен корона бран.

„Верувам дека и граѓаните ќе бидат и свесни и совесни во периодот кој што претстои и полицијата секако како што и сега работи во овој период којшто е пред нас ќе продолжи со ваквиот интензитет на работа и ние ќе ја избегнеме таквата криза која што е можно да се случи. Морам да потенцирам дека здравствениот систем е спремен да пресретне и следен бран. Ние нема да го смениме системот на реорганизација на ЈЗУ додека не поминат празниците, некаде до крајот на следниот месец“, вели Филипче.

И докторите се согласни оти граѓаните се придржувале кон мерките при одбележувањето на домашните слави, бидејќи бројот на нови ковид пациенти стагнира. Микробиологот Никола Пановски вели ако новогодишните празници се прослават во кругот на семејството нема да има опасност за формирање  на нови кластери. 

„Десетина дена поминаа од Св. Никола, би се јавило по петтиот ден би имало некое покачување. Можеби ова благо покачување од 400 на 500 пред некој ден е можеби под бвлијание на тоа, но тоа е мало влијание. Значи, за еден од најголемите празници каде што луѓето се собираа на слави и имендени и тоа два дена не осетивме дека има покачување. Да се надеваме така да биде и на останатите празници Нова Година, Божик и другите верски празници негде до кај 20 Јануари. Ако така биде побрзо ќе излеземе од кризава“, вели доктор Пановски.  

Во меѓувреме, опаѓа и процентот на новодијагностицирани пациенти. Ако во Ноември, за време на есенскиот пик, бројката на новозаразени надминуваше и 40 отсто од вкупниот број на направени тестови, а бројот на починати дистигнуваше и над 40-тина дневно, деновиве  се регистрираат по 20 отсто новозаразени пациенти и двојно помалку починати.

Сепак, Македонија и натаму е на високото шесто место на светските ковид листи по бројот на починати на еден милион жители. 

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста