Османи очекува конструктивни разговори со новата бугарска влада

Прво формирање на новата македонска влада, па потоа интензивирање на билатералните односи со Бугарија. Министерот за надворешни работи Бујар Османи на стартот на новата година оптимист дека по средбата со новиот бугарски премиер Кирил Петков, можни се конструктивни разговори  кои ќе ја вратат довербата  за брзо деблокирање на процесот.

-Очекуваме конструктивни разговори со новата Влада во Република Бугарија, враќање на довербата, разговор по однос на суштинските прашања што ги имаме на маса и брзо деблокирање на процесот. И тоа е за нас најважно, рече Османи.

И специјалниот претставник на владата во преговорите со Бугарија Владо Бучковски предвидува дека годинава ќе има решение за бугарското вето. Во изјава за Радио Слободна Европа вели дека доследното почитување на договорот за пријателство и соработка ќе довело до заеднички прифатливо решение..Целосно спротивно на ставовот кој го имаат историчарите од Комисијата и на претседателот Пендаровски , Бучковски  не отстапува од изјавите дека со Бугарија дефинитивно имаме заедничка, а не споделена историја.

-Значи, во договорот се употребува терминот заедничка историја, не го измислувам јас. Заедничката историска комисија треба токму од таа заедничка историја, преку потенцирање на личности и настани кои не поврзуваат, да го гради патот кон заедничката иднина. Всушност и тоа досега што го работеше комисијата и успешно што го заврши за три историски периоди, или неспорно за петте историски личности за кои досега имаат постигнато договор, еден е наративот кој што ќе се користи за чествување од македонска и бугарска страна, а друго е на кој начин ќе бидат хармонизирани учебниците во Македонија и во Бугарија преку текстовите што ќе ги усогласат овие наши и бугарски експерти, вели Бучковски.

И додека македонските политичари  се оптимисти за тргање на бугарското вето, новиот бугарски премиер дециден дека укинувањето на ветото на Бугарија, за Македонија, е работа, што мора да ја направат и двете страни.

Според најавите Петков треба да го посети Скопје во втората половина на месецов, а освен билатералните средби со македонските функционери, ќе треба да одговори каков е ставот на бугарската влада на одговорите кои ги испратила македонската страна на 5+1 барање кои беа поставени како ултиматум за интеграциите на Македонија.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста