Олеснување на мерките или подолг полициски час за велигденските празници?

Олеснување на мерките или подолг полициски час? Се уште е неизвесно какви препораки ќе предложи Комисијата за заразни болести во пресрет на велигденските и првомајските празници. Неофицијално, од вторник полицискиот час ќе се намали и наместо од 20 ќе стартува од 21 часот, а угоститеските објекти ќе може да примаат гости само на летните тераси. Министерот за здравство, Венко Филипче, најави оти за нови мерки ќе се размислува дури во понеделник откако ќе се анализирала состојбата со новозаразените пациенти од оваа недела.

Но, граѓаните сметаат дека мерките треба да се заострат за време на празниците, бидејќи постои опасност од ширење на вирусот поради традицијата Велигден да се празнува со масовна посета на верските храмови и ручек со најблиските роднини и пријатели. Сепак велат најголема опасност се отворените граници и најавите дека голем дел од иселениците за празникот ќе се враќаат дома од западно европските земји.

„Владата треба да одлучи на повисоко ниво, но мислам дека треба да се контролира влезот на странци бидејќи не знаеме кој од каде доаѓа и дали е заразен“.

„Без негативен ПЦР тест не треба да се дозволува влез во Македонија“.

„Зависи од која земја доаѓаат, сега ако е од соседните земји тогаш е во ред, но ако доаѓаат од подалеку од поризичните земји, треба да има барем негативен ПЦР тест за влез во Македонија’, велат граѓаните.

Во меѓувреме, властите во Албанија донесоа одлука лицата кои во земјата влегуваат од Македонија и од Грција да одат во задолжителен 14-дневнен карантин.
Слични мерки имаат и голем број земји во Европа, каде за влез е потребен или негативен ПЦР тест или задолжителен карантин.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста