Драги Рашковски влезе во Шутка- судот ја прифати жалбата на Обвинителството и му определи затворски притвор

Драги Рашковски од куќен притвор се пресели во истражниот затвор Скопје, каде следните најмалку 30 дена ќе биде во затворски притвор. Ова доаѓа откако Кривичниот совет при Основниот кривичен суд, ја прифати жалбата на Обвинителството, и ја преиначи првата мерка. Тој во Шутка заврши како дел од истрагата за набавката на софтверот за мерење брзина за МВР. Покрај поранешниот генерален секретар на Владата, во затворски притвор заврши и управителот на Инвока Груп, Даниел Станчевски.
Некаде околу 18 часот и 10 минути, во Истражниот затвор Шутка беше спроведен поранешниот владин генерален секретар Драги Рашковски, откако денеска Кривичниот суд ја прифати жалбата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, со која што мерката куќен притвор му се замени со затворски притвор.
Од судот информираат само дека ја прифатиле жалбата на Обвинителството не откривајќи повеќе детали.
-Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција, постапувајќи по жалби изјавени против решенијата на судија на претходна постапка од 16.04.2021 година со кои на Д.Р. и Д.С. им се определува мерка куќен притвор со дополнителни мерки за претпазливост, денеска одржа седница во присуство на странките, по која ценејќи го предлогот како и изјавените жалби донесе решение со кое ја прифати жалбата на Јавниот обвинител и го преиначи решението на судија на претходна постапка. Со тоа на осомничените Д.Р. и Д.С. им се определува мерка притвор во траење од 30 дена, информираат од Кривичниот суд.
Порталот СДК.МК од судско- обвинителски извори дознава дека четвртоосомничениот во истрагата, не успеал да го форматира телефонот, пред да му биде одземен и во една од пораките, првоосомничениот, Драги Рашковски му вели.
-Слушај, изразувај се стручно, овие се глупи, ништо нема да те разберат, пишал Рашковски.
Затворскиот притвор на Рашковски му е определен на само неколку дена откако Алфа објави дека неговиот џип е запишан на име на еден од владините хонорарци, како и дека целиот свој имот го запишал на своите деца. Поради ковид протоколите Драги Рашковски првите 10 дена во Шутка, ќе ги мине во изолација во посебна просторија.
Матеја Петровски