Официјална Софија удира по оптимизмот на Заев: Бугарија не сака да внесе нерешен билатерален спор во ЕУ

Или прифаќање на се што Бугарија бара или нема старт на преговори со Европската унија, уште еднаш ваква порака ни пристигна од официјална Софија. Сега директно од устата на министерот за надворешни работи, Светлан Стоев, кој нагласува дека внимателно ќе ја анализирале усвоената Резолуција, со цел утврдување дали нејзината содржина е во согласност со Договорот за добрососедство

-Бугарија е конструктивен партнер и не сака да внесе нерешени билатерални прашања во ЕУ. Ова не е во интерес ни на самата Унија. Треба да се сфати дека темата е исклучително важна за нашата земја и за тоа постои национален консензус. Се потпираме на солидарноста на нашите европски партнери, што е основниот принцип во Унијата, кога една земја кандидат треба да започне преговори, изјави Стоев.

Слична порака само со малку помек тон, ни испрати и мандатарот за состав на новата бугарска Влада, Пламен Николов. Тој нарекувајќи не браќа, порача дека немало насилно да не блокираат, но услов сепак останува да ги прифатиме нивните барања.

-На никаков начин нема да ги притискаме нашите браќа и нема да ги лишуваме од шансата за европска иднина на некаков насилен начин, на начин на кој се однесуваат други балкански држави. Но, тоа не значи дека нема да опстојуваме на своите национални интереси. Како точно ќе биде направено тоа, можеби ќе биде ревизија на самиот договор и преразгледување, изјави Николов.

Додека од Бугарија пристигнуваат јасни пораки, премиерот Зоран Заев уверен дека наскоро ќе била тргната блокадата. Останува нејасно на што тој го темели овој оптимизам, ако се знае дека со Резолуцијата донесена во Собранието за македонските црвени линии, многу од бугарските уцени и условувања не смееме да ги прифатиме.

-Јас сум уверен дека Република Бугарија е пријател и дека е многу блиску денот кога и македонскиот и бугарскиот народ ќе се уверат дека Бугарија нема да биде пречка за Македонија. Заедно ќе го обезбедиме тоа, бидејќи од двете страни има паметни и способни луѓе, визионери кои ќе си дадат шанса и ќе се разберат во интерес на своите народи, изјави Заев.

Како услов за напредок во евроинтеграциите, Бугарија од нас бара да прифатиме работи со кои директно се удира по македонските национални интереси. Односно бараат да признаеме дека не постоел македонски јазик и идентитет пред 1945-тата година, како и дека Гоце Делчев и други херои кои животот го положиле за Македонија, биле Бугари.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста