Од врвот кон дното, како Македонија стана провинција за водење бизнис?!
Од врвот, паднавме на дното. Ако некогаш Македонија беше една од најдобрите земји за водење бизнис, сега земјава ја нема во рангирањата на рејтинг агенциите. Во најновата анализа на магазинот „Пазари во развој“ за Југоисточна Европа, ги има земјите од регионот, но нас не нема никаде и покрај тоа што до пред некоја година котиравме високо на рангирањата. На врвот на листата на најдобри градови за водење бизнис во Југоисточна Европа се престолнините на Унгарија, Чешка и Полска. Следуваат Љубљана и Братислава, на листата ја има и Софија, но не и Скопје или некој друг македонски град.
Земји со најдобар економски потенцијал за водење бизнис се Грузија, Украина, Молдавија, Романија. Најдобри услови за водење бизнис се Полска, Литванија, Словачка, Чешка, Естонија, Словенија.
Во категоријата Дигитални градови на врвот се наоѓа соседна Бугарија и Естонија, по нив следуваат Романија, Литванија, Унгарија, Полска, па и Србија.
Земји со најдобра инфраструктура се Полска, Унгарија и Чешка. По квалитетот на живот прва на листата е Чешка, по што следуваат Словенија, Полска, Унгарија, Бугарија, Хрватска.
Дека Македонија е закотвена на дното покажуваат последните податоци и на Евростат. Тоа значи дека нашата куповна моќ е за 67% помала од куповната моќ на просечниот Европјанин. Со други зборови, ако тој има на располагање 100 денари, ние имаме само 43. Ако се споредуваме со просечниот Германец, кој има куповна моќ од 123% од европскиот просек, тогаш излегува дека ние сме речиси три пати посиромашни.
Во меѓувреме, четвртина од македонските граѓани живеат денеска и не мислат за утре, покажува извештајот на Југоисточна Европа, во кој се мери степенот на финансиска писменост на населението од регионот. Анкетирани биле граѓаните на нашата држава, на Бугарија, Хрватска, Грузија, Молдавија, Црна Гора и Романија. Тие изјавиле дека се загрижени и дека се под стрес за нивната финансиска состојба и можноста да ги покријат трошоците за живот.
Во меѓувреме никако да мрднат кон подобро и странските инвестиции. Според познавачите на состојбите тоа се должи на лошото менаџирање од страна на власта. Поразителни се и бројките за капиталните инвестиции. Во првите 5 месеци се потрошиле едвај 18.5% од планираното за изградба на патишта, училишта, болници.
Странските инвестиции, пак во првите 3 месеци се на ниво од 137 милиони евра. Сепак, целата сума не се однесува на нови вложувања. Дури 86 милиони евра се реинвестирање на добивката на постоечките фабрики.
Борис Грујоски