Владата на денешната 38-ма седница дозволи посебен режим на движење за лицата со попреченост. За овие граѓани нема да важи забраната за движење во периодот од 19:00 до 20:00 часот, од понеделник до петок, а во деновите на викенд од 11:00 до 13:00 часот. Оваа мерка за дозвола на движење за лицата со попреченост се однесува и на лицата што ги придружуваат овие граѓани за време на дозволеното движење во наведените временски периоди.

На оваа седница министрите во Владата ја разгледаа и усвоија информацијата за барањата кои ги исполнуваат критериумите од Јавниот повик бр.1 за кредити од Кредитната линија од Посебниот кредитен фонд (ПКФ) со цел намалување на последиците од коронавирусот КОВИД-19. Владата ја задолжи Развојната банка да склучи договори за кредит со кредитобарателите кои ги исполнуваат условите и критериумите за бескаматни кредити. Според информацијата на Развојната банка, од обработените барања условите ги исполниле 136 компании со 1.737 вработени, и на нив им се одобруваат бескаматни кредити во вкупен износ од 1.263.079 евра.

Од овие 136 компании-апликанти, 96% се компании до 10 и компании до 50 вработени. Доставата на Информации со обработени кредитни апликации кои исполнуваат услови до Владата ќе се одвива редовно, на неделно ниво, сè додека не се исцрпат во целост средствата од кредитната линија Ковид1, односно од Кредитната линија од Посебниоткредитен фонд (ПКФ) со цел намалување на последиците од коронавирусот КОВИД-19. Најдоцна до крајот на неделата Развојна банка ќе стапи во контакт со сите компании чии кредитни апликации беа одобрени на денешната Седница на Влада заради реализација на договорите за кредит.

На оваа седница Владата донесе Уредбата со која заради прогласената вонредна состојба во државата се наложува ангажирање на целокупниот капацитет на организациските единици во рамки на Министерството за внатрешни работи, вклучително и полицајците – приправници. Со оваа Уредба се врши прецизирање на периодот кога полицаецот-приправник ќе го полага посебниот односно приправничкиот испит и се утврдува дека испитот ќе се спроведе по завршувањето на вонредната состојба, а со цел овозможување редовно функционирање на државата и заштита на јавното здравје, а воедно спречување на ширење на вирусот корона (КОВИД-19).

Владата денеска ја донесе Уредбата со законска сила за примената на Законот за извршување на санкциите за време на вонредна состојба, согласно која се одлага извршувањето на упатните акти за извршување на казната затвор на лица осудени на казна затвор до три години и тоа до 01 септември 2020 година, освен за предметите каде постои опасност за застарување на казната. Исто така, до 01 септември 2020 година се одлага извршувањето на упатните акти кои се веќе доставени до казнено-поправните установи, освен за упатните акти за кои се веќе издадени меѓународни потерници. Додека, лицата кои се наоѓаат на издржување на мерка притвор по правосилноста на пресудата веднаш се упатуваат на издржување на казната затвор. Предлог Уредбата се донесува заради заштита од ширењето на болеста КОВИД-19 (корона вирус) во казнено-поправните установи.

На оваа седница е донесена и Уредба со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за нотаријатот за време на вонредна состојба во земјата во делот на обврската за одржување на испитите за нотари, со одредби за продолжување на мандатот на органите на Нотарската комора.

На предлог на Министерството за правда, Владата денеска донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за судска служба за време на вонредна состојба, со која вработените во судска служба кои се работно ангажирани за времетраењето на времените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирус КОВИД-19, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година може да го искористат до 31 мај 2020 година, согласно потребите на работниот процес и врз основа на одобрение од претседателот на судот.

На вработените во судска служба кои се ослободени од извршување на работа и работни задачи, согласно мерките за заштита од ширење и превенција од коронавирус КОВИД-19, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година им се смета за искористен.

Истите овие одредби за користење на годишниот одмор, Владата ги донесе и во Уредбата со законска сила за примена на Законот за јавнообвинителска служба за време на вонредна состојба.