Случај Драги Рашковски: Заев го брани поранешниот владин ген-сек, Антикорупциска отвори истрага

Заев го брани, Антикорупциска му отвори истрага на Драги Рашковски за парите со негов потпис исплатени на фирма без контакт информации и веб сајт. Вкупно речиси 400.000 евра биле исплатени од државна на сметката на фирмата Инвока груп. Најспорна е набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци, кој не се ни користи, а државата ја чинел повеќе од 80 илјади евра. Токму овој договор ќе го чешлаат антикорупционерите.

-По изнесените информации во медиумите, денеска на нашиот денешен колегиум отворивме предмет, сметајќи дека има доволно елементи за истражување за причините за набавката на тој софтвер од една страна и од друга страна причините зошто тој не е во употреба. И она што беше исто така ризично од наш аспект беше несоодветната комуникација меѓу институциите  и едноставно отсуството на системски пристап за утврдување на потребите, изјави претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Доколку се отвори алатката Отворени финансии, може да се види дека во изминатите три години, колку што постои компанијата од македонските институции наплатиле 62 илјади евра за одржувње софтвери. Со потпис на Драги Рашковски биле исплатени фактури во вредност од 323 илјада евра за набавка на два софтвери, Првиот наменет за МВР, вториот пак за полагање испити во 14 институции.

Она што е симптоматично е што токму ваков систем насловен „Систем и уреди за контрола на брзината на возила во сообраќајот, определување на просечна брзина и изрекување казни“ е патент токму на Рашковски, кој подоцна државата го купува од Инвока, а МВР не го користи.

-Во рамки на МВР е формирана работна група која работи на проект за воведување на санкционирање на сообраќајни прекршоци преку камери, со што значително би се подигнала безбедноста во сообраќајот. Овие камери е планирано да бидат поставени на улиците во градовите, но и на автопатиштата и пофреквентните патишта, велат од МВР.

Инаку, ова е втора истрага која Антикорупциска ја отвора против Драги Рашковски. Се уште се испитува спорниот тендер со италијанската фирма Леоанрдо вреден седум милиони евра, за набавка на радарскиот систем за управување со воздушниот сообраќај во македонската навигација.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста