Обвинителството не отвора постапка по допрен глас за скандалот со кинеските вакцини

Обвинителството засега само како нем сведок ја следи најголемата афера во врска со набавката на кинеските вакцини. Тие во моментов нема да покренат никаква постапка по објавениот скандал дека владата користела фантом фирма како посредник со набавката на вакцините од Кина. Институцијата задолжена за борба против организиран криминал и корупција само ги следела настаните, но ќе чека другите надлежни институции да пријават доколку има индиции за сторен криминал.

Очекуваме надлежните институции  до обвинителството  да достават свои наоди за евентуални сторени кривични дела. Обвинителството согласно своите надлежности ќе ги даде неопходните насоки,  упатства и наредби на институциите во чија надлежност е откривањето на овој вид на криминал. Доколку овие институции утврдат елементи на кривично дело,​ обвинителството ќе постапи согласно своите надлежности и ќе ги гони сторителите – велат од Основно јавно обвинителство.

Наместо да покренат постапка по допрен глас, ОЈО бара од јавноста доколку има сознанија за одредено кривично дело, истото да го пријават во полиција, која во тој случај е должна да постапи.

За разлика од обвинителството, откако италијанскиот весник „Ла верита“ објави што стои зад неуспешната набавка на вакцината од „Синофарм“ и дека авансот е вратен оти владата користела фантом фирма како посредник, постапка поведе антикорупциската комисија. Тие решија да почнат да собираат информации за евентуално да отворат предмет.

Во писмата од министерот за здравство до кинеската компанија исто така, јасно се гледа дека државава ја ослободува Кина од било каква одговорност за можните компликации од вакцините. Во целиот случај Филипче не гледа ништо спорно и ги обвини опозицијата и дел медиумите дека сакаат намерно да фрлат дамка врз здравствениот систем.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак и понатаму бараат одговорност од Власта за фијаското со набавката на вакцини и сметаат дека Филипче преку таканаречената фантом фирма преку која сакал да набави вакцини од Кина бил во трка по првозиии, а не во трка да набави вакцини.

Адријана Алексиеска