Обвинителството молчи: Нема одговор дали ќе се отвори истрага за скандалите објавени од ВМРО-ДПМНЕ?!

Молк од Обвинителство дали е отворен предмет за скандалозните тврдења на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, дека власта со помош на полициски службеници уценува, поткупува и заплашува граѓани, со цел глас повеќе за СДСМ. Според она што е познато е дека наводите биле доставени и разгледувани, но ништо повеќе.

Обвинителите имаат можност по допрен глас да отворат предмет, кога вакви информации ќе се појават во јавност. Алфа праша дали такво нешто е сторено, но досега одговор од Обвинителството нема.

Додека од таму молчат, се огласи МВР, самите се амнестираа од вина. Велат внатрешната контрола ги проверила тврдењата на опозиција и не било пронајдено ништо спорно.

-Помошниот оперативен штаб и Републичкиот оперативен штаб локални избори 2021 нема регистрирано пријава од граѓанин или правен субјект дека во предизборниот период, денот на гласањето или во постизборниот период од страна на полициски службеници при преземање на службени дејства е постапувано незаконски или непрофесионално или на кој било начин е малтретиранo лице при вршење на служба, како што беше изнесено на прес конференција на ВМРО-ДПМНЕ, велат од МВР.

Опозицијата продолжи со објавување на скандалозни информации од како што велат теророт и злоупотребата на државните институции. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, објави фотографии, на кои според него се гледаат полицајци блиски до Оливер Спасовски како вршат притисок врз гласачи во Битола. Според Стоилковски овие параполициски структури, ги уценуваат граѓаните со работното место и станбеното прашање.

-Oва е игра со најболните чувства на луѓето, среде економска криза, рецесија, затворени фабрики и надоаѓачка енергетска криза. СДСМ го пробива дното. Се служат со сила, репресија и казни, но и со лаги нудат работа и корка леб на луѓе само за глас. Но, веќе на сите им е јасно, дека никој повеќе не верува и не им се плаши на насилниците од СДСМ, изјави Стоилковски.

Ова е само продолжение на скандалот кој веќе неколку дена го објавува опозицијата, а каде обвинуваат дека полициски службеници блиски до Заев и Спасовски формирале злосторничка група за време на изборната кампања, која требало да следи членови на ВМРО-ДПМНЕ, координирале активности за следење, а дури се одело и со закани по животот, биле давани насоки и договарани физички пресметки. 

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста